Што ако почнеме да јадеме грав наместо кременадли?

Додека сите сме главно сконцентрирани на ефектите на транспортот и индустријата врз целокупната екологија и загадување на планетава, многу малку се зборува како исхраната може да игра важна улога во намалувањето на штетните гасови и глобалното затоплување. 

Во обид да покажат дека индивидуалните промени кај човекот навистина може да влијаат врз подобрување на состојбата со глобалното затоплување (а не да мислиме дека сме минорни и неважни во целата ситуација), дечките од Атлантик најпрво изработија добра статија, а подоцна и видео за полесна „консумација” каде го опфаќаат сценариото со наслов – „Што ако секој Американец го замени говедското со грав.”

Сточната индустрија е дефакто еден од најголемите произведувачи на метан– гас кој има за 23 пати поголем ефект како стакленички гас врз глобалното затоплување отколку јаглеродниот диоксид. Статистиката вели дека во САД дури 37% од произведениот метан доаѓа од сточната индустрија – поточно од одгледувањето и производство на говедско месо. 

За да се одгледуваат овие грла на глобално ниво се искористува околу 1/3 од земјиштето на планетава, а најголем дел од тоа земјиште (кое патем голем дел се шуми кои се сечат за да се создадат полиња) се користи токму за растење на храна за овие животни. 

Практично производството на храна за животни кои подоцна се искористуваат како храна за луѓе е доста неефикаен метод на создавање на протеин бидејќи во целиот процес се трошат ресурси а нус-продуктите како метан и други гасови ја загадуваат земјата.

А што ако храната за животните се пренамени во храна директно за луѓето?

Научниците кои го студираа ова сценарио велат дека огромен дел од земјиштето кое сега се користи за одгледување на храна за животните, бидејќи ќе има помала побарувачка, ќе може да се ослободи и да се пренамени за пошумување, а целокупно ќе се трошат многу помалку ресурси како вода и струја, вклучително, ќе се прават и помалку нус-продукти како метан. 

И доколку најголемиот дел до луѓето во САД ја направат оваа промена, тогаш тие би исполниле некаде од 43 до 71% од зацртаните еколошки цели за 2020 година – без никаква промена во други нивоа како транспорт, обновливи извори на енергија и консумација на други животински продукти. 

Нешто слично беше анализирано и од страна на тимот на ASAP Science во следното видео

Само за информација, гравот и многу други мешункасти продукти имаат одличен состав на протеини и аминокиселини кои можат да бидат достојна замена за животинските протеини. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија