Важноста на современата дијагностика на повреди во спортот – Интервју со Магдалена Богучевска

Сакајќи да дознаеме нешто повеќе за важноста на раната и брза дијагностика како еден од првите чекори кон коректно третирање на спортските повреди, решивме да поразговараме со д-р Магдалена Богучевска која работи како специјалист радиолог кој моментално е на субспецијализација за мускулоскелетна радиологија, една од најважните гранки за рана детекција на спортските повреди. 

К4Т – Колку е силен Вашиот мотив за да бидете дел од спортот и спортските активности како доктор?

Израсната сум во фамилија која го негувала спортот. Имено татко ми беше доста активен уште во време на СФРЈ во Боксерскиот Сојуз на Југославија и се пензионираше како делегат, така да покрај него, израснав на спортските терени. Оттаму датира и мојата љубов кон спортот. Во 2010 година бев ангажирана од КФМ, како лекар на М20 Европското Б првенство во кошарка кое се одржуваше во Скопје. Потоа, продолжив секоја година како лекар на М18 и М20. Исто така, неколку месеци бев со М18 младата фудбалска репрезентација која е сега дел од нашата М21 репрезентација, која се пласира на ЕП во Полска наредната година. Бев и клубски доктор во неколку кошаркарски клубови како КК Торус и КК Карпош Соколи. Поради професионални обврски последнава година не сум многу активна на терен, но секоја прилика, кога имам слободно време ги посетувам натпреварите, најмногу кошаркарските, но и фудбалските и ракометните натпревари.



К4Т – Дали Вашето талкање по иновативни медицински ставови во спортската радиолошка дијагностика е вашиот животен предизвик?

Сега сум вработена во ГОБ 8-ми Септември на Одделот за Радиологија како радиолог, но моето поле на интерес е мускулоскелетната радиологија и спортските повреди поради мојата специјалност за МР (магнетна резонанца) и МСК УЗ (мускулно-скелетна ултразвучна дијагностика). Пред две години бев на доусовршување за МСК УЗ на Универзитетот Мичиген во Ен Арбор, САД. (University of Michigan Health System, Ann Arbor, Michigan USA) каде се усовршував под менторство на Проф. Џон Џејкобсон (Prof. Jon Jacobson). Годинава добив субспецијализација за мускулоскелетна радиологија, и сметам дека ќе го усовршам знаењето околу спортските повреди: иако усовршувањето на ова поле е процес кој ќе продолжи и во иднина, и по завршувањето на субспецијализацијата, бидејќи секојдневно имаме новитети и во дијагностиката и во третманот на повредите. Мојата цел е спортска радиологија, и за таа цел планирам да остварам престој во некои од познатите центри за мускулоскелетна радиологија, каде што се практикува и едуцира кокретно за напредна ортопедија/трауматологија за врвниот спорт, може и Барселона, зошто да не :)))))).

К4Т – Вие бевте во октомври годинава на неколкудневна работилница во ФК Барселона. Раскажете нешто за организацијата и темата на овој симпозиум?


На 03 и 04 октомври оваа година, се одржа Семинар за мускулни повреди на м.квадрицепс-дијагноза, рехабилитација и третман со организирани две работилници т.н practical workshop, и тоа првиот ден беше за ултразвук дијагностика (УЗ) на м.квадрицепс, а вториот ден беше рехабилитација на м.ректус феморис. Сето ова беше организирано од медицинскиот тим на ФК Барселона, кој беше домаќин, а во организација на ФИФА и АСПЕТАР, семинарот се одржа во Камп Ноу Стадионот (Camp Nou/Auditorium 1899). Иначе, болницата АСПЕТАР, во моментов е една од водечките болници за спортски трауматизам, мускулоскелетна радиологија, спортска рехабилитација, спортска кардиологија и спортска стоматологија со седиште во Доха, Катар. Јас, како радиолог, присуствував на УЗ работилницата. За таа цел, беше опремена просторија со 10 нови УЗ апрати од фирмата Тошиба (Toshiba). Работилницата беше организирана исклучително професионално и стручно, на самиот стадион Камп Ноу, во траење од 1 час, така да, најмногу 5 учесника на 1 апарат, беа обучувани од ментор од медицинскиот тим на ФК Барселона.

По презентацијата од менторот, се одржаа индивидуални вежби со учесниците.
Темите и предавањата кои беа одржани се од доменот на анатомијата и физиологијатата, потоа, механизам на повреди и ризик фактори, како и дијагноза и класификација на повредите на м.квадрицепс. Вториот ден, темите и предавањата од областа на рехабилитацијата и третман предизвикаа огромен интерес и полемики речиси кај сите присутни. Многу е важно, да напоменам, дека сите предавања беа со примери од теренот. Исто така, интересот беше голем и за време на сесијата “Return to play” каде медицинските тимови со конкретни примери презентираа „развојна рехабилитација на случај” и тоа преставено преку часовен и дневен календар, со специфичен начин на рехабилитација и програм во зависност од типот на повредата. Доминантни беа секако домаќините, кои се погрижија максимално да ја престават својата работа со професионалните спортисти на ФК Барселона.

На крајот следеше хируршката сесија “ШТО и КОГА?” каде копјата воглавно се кршеа околу биолошката терапија PRP vs STEM CELLS. Новите ставови околу биолошката терапија не беа толку позитивни, споредени со почетокот, поточно се повеќе се стеснува кругот околу индикациите за нивната употреба. Меѓу учесниците кои можев да ги приметам беа медицинскиот тим на ФК Севиља, ФК Арсенал, ФК Ливерпул, медицински тимови од клубови од Јужна Америка, Израел итн.



К4Т – што ќе ни кажете за Ричард Пруна… дали беше дел од докторскиот тим на овој семинар? Каков пристап во работата има овој доктор кој е дел од медицинскиот тим за третман на врвните ѕвезди на ФК БАРСЕЛОНА?


Јас поканата за овој семинар ја добив од Др. Луис Тил Перез, кого го запознав во Цирих за време на Конгресот на Европската скелетна асоцијација (Europian Skeletal Society) во јуни оваа година. При повторната средба, за време на Конгресот на Интернационалната скелетна асоцијација (International Skeletal Society), во септември 2016 во Париз, ја потврдив поканата. Др. Тил Перез е дел од лекарскиот тим на Барселона, а како спец. по спортска медицина е дел од Медицинскиот центар на Барселона. Воедно тој е промотор на Toshiba Medical System, и на сите големи мускулоскелетни конференции е дел од индустриските симпозиуми организирани од некои од спонзорите, во случајов Тошиба, која е една од водечките компании кога станува збор за медицинска опрема од типот на УЗ, ЦТ и МР. Исто така, Др.Тил Перез ја презентира една од нивните нови методи ” US-MRI fused images”.

Морам да напоменам дека Др. Тил Перез е еден од „главните виновници” за моето запознавање со Др. Ричард Пруна. На мое големо задоволство, токму Др. Пруна ми беше ментор на УЗ работилницата. Тој е Шеф на медицинскиот тим на ФК Барселона (првиот тим мажи, женскиот прв тим, Фудбалската академија и футсал). Како Спец. по спортска медицина, Магистар по Трауматологија на Универзитетот Барселона, поле на интерес му се мускулните и тетивните лезии, повреди и е еден од експертите за УЗ и има одбрането Докторат од областа на повреди и генетика. Има огромно искуство во натпреварувањата од типот на домашната шпанска лига фудбал-La Liga, Лига на Шампиони и Светскиот Куп. Пред неговото комплетно инволвирање во фудбалот, бил одговорен за целиот спортски клуб Барселона, кој покрај фудбалерите ги опфаќа и кошаркарите, ракометарите итн. Својата втора специјализација ја има ставено во мирување поради обврските со спортистите, и тоа, најмногу посветен на ФК Барселона. Знаеме дека таму се и најскапите играчи и најмал кикс може да го чини спортистот прекинување на професионалната кариера. За некои спортисти, тоа е и „животот”.

Воедно Др. Пруна или таканаречениот „Меси во медицината” е сертифициран F-Marc- ФИФА диплома кој 24 часа се грижи за здравјето, повредите и рехабилитацијата на првиот тим на ФК Барселона. Тој е со нив на сите патувања, на теренот како официјален доктор. Одговорен е, првичното за згрижување при повреда на терен, УЗ дијагностика и рехабилитација. Единствено за МР наодите сеуште им доаѓаат консултанти од надвор. Но, она што е најбитно, првичната дијагноза и контролите ги прави лично тој на ултразвук, којшто е достапен во секое време, трошоците се помали и кога станува збор за мускулни повреди е далеку најсензитивна метода за следење на развојот или регресијата на повредата. Во разговор со него, по завршувањето на работилницата, ми се потврдија и по не знам кој пат дека Спортското друштво Барселона, на чело со ФК Барселона е „институција” со свој сопствен Медицински Центар.

Минатата година, тие потпишаа 5-годишен договор со Тoshiba Medical System кој како официјален медицински партнер обезбеди 3Т МР и 13 УЗ апарати за рана и навремена дијагноза на спортските повреди. Др. Ричард Пруна е дел од Медицинскиот центар Барселона, која како што кажав пред малку, е една од врвните спортски институции. Покрај ова, имаат и дел за рехабилитација, лабараторија итн. Овој центар е во комуникација со Фондацијата ФК Барселона, MTN (MuscleTech Network ) и Leitat Technological Center, кои се задолжени за научно-истражувачката работа.



К4Т – Дали само ФКБ беше организатор на овој симпозиум?

Организатор беше ФИФА заедно со АСПЕТАР една од водечките спортски болници и центри во Доха, Катар, а која воедно е партнер со ИОМ и УЕФА. Ова е 8-ми MTN Семинар чиј домаќин е ФК Барселона. На церемонијата на отворањето, присутвуваа и свои излагања имаа Gerard Figueras, Генерален секретар на Министерството за спорт на Каталонија, Jordi Mones, член на Медицинскиот одбор на ФКБ, Scott Gilogly, Шеф на Медицинскиот тим во Аспетар и Joan Parra, Генерален секретар на Leitat Technological Center. ФК Барселона ја негува традицијата и секоја година организира симпозиуми, конгреси, семинари итн., со различна тематика. На овој начин, не само што ги презентираат своите нови достигнувања, истовремено и се надградуваат со нови сознанија, методи и протоколи. Следната година, во мај месец, на Камп Ноу ќе се одржи меѓународна Конференција за спортска рехабилитација и трауматологија – „The Future of Football Medicine”, исто така организирано од ФИФА, Isokinetik Medical Group, а домаќин ќе биде, секако повторно, ФК Барселона.



К4Т – Колку е потребна тимската работа во брза дијагностика третман и рехабилитација на спортистите?

Најбитна е тимската работа за која сум и голем поборник. Имам прекрасна соработна со ортопедскиот тим кај мене во болницата, а и пошироко, како и физијатрите кои се неопходни за враќање на спортистите на теренот по санирање од повредите. Комуникацијата е неизбежна за навремено и поцелисходно следење на повредите. Добар ортопед со навремена дијагноза и навремена и добра рехабилитација е кључот за успех. Секако, не треба да се заборават и спец.по спортска медицина, со чија експертиза започнува иницијалното згрижување на спортистите.

К4Т – Дали спортската радиологија е се повеќе посебен ентитет во радиологијата?

Самиот развој и новините во спортскиот менаџмент, брзиот развој на технологијата, а секако и на спортот, се повеќе го бараат овој нов ентитет на “спортска радиологија” кој не е новина во европските земји. Тоа е она кон што треба да се стремиме за негова имплементација и развој.

К4Т – Што мислите, дали во Македонија треба да се формираат посебни радиолошки тимови за брзи дијагностички процедури за спортисти (УЗ, ЦТ, МР и др.) кои би кореспондирале со спортските доктори, трауматолози, ортопеди?
 Секако дека треба да се планира и потоа да се имплементира. Имаше еден обид за таква спортска институција но очигледно е дека негде е стопирано. Ако сакаме унапредување и имплементирање на сите нови методи и добри спортски резултати многу работи треба да се менуваат во постоечките системи меѓу кои формирање на тимови од ортопед, трауматолог, мускулоскелетен радиолог, спец.спортска медицина, физијатар и спортски психолог.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија