Кападокија Ултра Треил 2015

Кападокија Ултра Треил – спој помеѓу мистичното минато и сегашноста

Прашањето за учество на КУТ беше отворено уште од март-април, кога беше објавен планот за акцијата на планинарите од ПСД Макпетрол, воедно и учество на на трката која се одржува во тој региот. Бидејќи оваа година планирав и учествував на повеќе трки, некако постојано се колебав дали да учествувам на КУТ.

Ми беше страв да не ми бидат многу 100ки во една година, бидејќи во 2015 учествуав на Истра 110км, Лаваредо 119км и Персенк 132км. Сакав со учество на Крали Марко (крајот на Септември) полека да ја завршувам сезоната и да му го дадам потребниот одмор на телото. Исто така и патот од 1600км во еден правец постојано ме предомислуваше дали има потреба да се учествува на оваа трка.

Оганот за учество на КУТ се запали на враќање од Лаваредо, а масло на оганот додаде и Ненад Радевски со неговите зборови „Ќе видите, Кападокија е папокот на светот”. После ваква препорака не ни остана ништо друго, уплативме стартнина и одлуката беше донесена, одиме во Кападокија. Се разбира со кола, 3500км во 6 дена 🙂

Покрај тркачкиот предизвик овојпат имав уште еден предизвик, да откријам што е тоа толку магично и мистично што ги воодушевило сите кои го посетиле овој регион.
Оваа година во рамките на Кападокија ултра траил се одржуваа три трки во должина од 36км 935д+ , 62км со 1980д+ и 110км со 3485д+, трки за сечиј вкус. За мене во овој случај, како и во повеќето претходни мои учества на разни планински трки, тоа е учество на најдолгата трка од 110км.

Во периодот пред КУТ, направив една грешка, за која и претходно бев свесен дека може да ме доведе до тоа што се случи.

Бидејќи со откажувањето на Скопски маратон 2015 немав можност да учествувам на друг класичен маратон од 42км оваа година, го ставив моето тело на ризик и една недела по Крали Марко, се уште недоволно одморен учествував на маратонот на Себенадминување кој беше организиран го градскиот парк во Скопје на 04.10.

После оваа трка започнав да чувствувам болки во Пириформис мускул. Одморив неколку дена, се обидов повторно да пробам да потрчам на кеј, па на водно но повторно болката се појавуваше. Најголем проблем ми претставуваше трчањето на надолнина, кога треба да се направи подолг чекор, тогаш болката стануваше уште поголема.

Но и покрај се договор си е договор и јас, Тена, Игор-Карас и Мартина на 21.10 тргнуваме за Ургуп – Кападокија. Иако не сум голем обожавател на лекарства и избегнувам да ги користам, сепак се одлучив на два дена пред трката да пробам да ја намалам болката со Диклоџет. Подоцна ќе се покаже дека ризикот делумно се исплатеше.

Планот функционираше, пристигнавме во Ургуп во четвртокот попладне. Петокот го искористивме за расходка во Розевата Долина, Ѓореме опен аир музеј и околината на Ургуп.

Иако повеќе пати сум ја посетил Турција, најчесто Истанбул, сепак овој пат навлеговме многу повнатре и да бидам искрен останавме без зборови. Турција позитивно не изненади во секој поглед. Првото изненадување беше патот до Ургуп, односно патиштата кои ги имаат. Автопат има секаде, од Истанбул до Анкара има автопат со 3+1 лента, мазен како автописта. Но тоа како да не беше доволно, кога пристигнавме во Кападокија уште едно изненадување, нови автопатишта помеѓу сите мали градови, одлично означени со патокази кон сите знаменитости.

Во сите градови и села кои ги посетивме не постоеше улица без тротоар, секаде школите реновирани, немаше ниту едно запустено или напуштено село. Иако патоказот покажување дека одиме во правецот кон градот Нигде, бевме среде пустина, сепак на сите страни можеа да се видат површини засадени со главната земјоделска култура во овој регион, компир.

Втора работа која многу не изненади беа пристојните цени за влезници во музеите и знаменитостите. Исто така и цените на сувенирите се доста пристапни.

Сепак да се вратиме кон главната работа за која што дојдовме во овој регион, трката КУТ на 110км.

Во петокот попладне отидовме да ги подигнеме стартните броеви и се сретнавме и со останатите членови на Трекс и Псд Макпетрол кои пристигнаа во Ургуп во петокот попладне. Заедно отидовме на паста парти која беше организирана за сите учесници на трката. Секоја чест за организаторот, едно од подобро организираните паста парти на кои сум присуствувал, избор за сечиј вкус и за вегетаријанци, вегани и за љубителите на месото. Сепак најголем впечаток ми оставија одличните тулумби, иако не е многу паметно пред трка сепак не одолеав да не изедам 10тина 🙂

Стартот на трката беше закажан за 7ч во саботата наутро. Со моето редовното доцнење сепак заедно со Игор успеавме да стигнеме на стартот во 6:45 и имавме доволно време да се подготвиме за старт. Се најдовме со другарите од Трекс, се сликавме, се поздравивме со Тена и Мартина и тргнавме.

Патеката во првите 10тина км идеална за загревање, широк макадам пат, благи нагорнини и благи угорнини. Со оглед на повредата која ме мачеше во последните 3 недели, главна цел ми беше само успешно завршување на трката. Затоа во првите 10тина км започнав малку поспоро за да осетам дали ќе имам болки во мускулот. Во овој период трчав заедно со Жико и Игор, додека Мики мислам дека беше многу блиску позади нас.

По првата контролна точка осетив дека немам поголеми проблеми со мускулот и пуштив малку подолг чекор. Се движев во група со победничката во женска конкуренција Франческа Канепа и со нашата пријателка Марија Николова од Бугарија. Не се сеќавам точно но мислам дека после првата к.т. започна да врне дожд, кој ќе не пратеше во наредните 2часа. Без проблеми поминаа втората и третата контролна точка, патеката од макадамски пат, полека почна да се менува и да станува поинтересна, премина во тесна патека која оди низ овошни градини, интересни спустови по лизгави камења.

Некаде околу 35-36км осетив болка во мускулот кој ме мачеше и пред трката и малку психички кризирав. Одеднаш изгубив желба за трчање, почнав малку да пешачам на една блага нагорнина, изедов едно чоколадце и по 10-15 мин се потсредив и продолжив полека да трчам. До четвртата контролна точка одев со умерено темпо и очекував во секој момент да го видам Жико како ме стигнува, бидејќи знаев дека тој во овие делови ќе трча со добро темпо.

Жико го немаше и малку се загрижив, да не паднал, да не се лизнал и сл. За среќа се било во ред со Жико и подоцна се ќе си дојде на свое место и тој ќе ме стигне.
Од к.т. 4 Чавушин до к.т. 6 Ургуп одев со солидно темпо, иако пратејќи еден домашен натпреварувач успеав да ја згрешам патеката за едно 500-600м сепак брзо успеав да се вратам на вистинската патека. Овој дел беше релативно досаден, многу благи нагорнини и надолнини по широк макадам пад, Ургуп се гледа пред вас а патеката ве врти од околу само за да направи плус некој км.

Ургуп на 62км беше шеста к.т. воедно тука беше и стартот и целта. Пристигнав за 7 и нешто часа, се чувствував добро, се задржав само 5 мин, променив маица, чорапи и патики.

Тогаш пресметав дека до крај имам нешто помалку од 48км и не повеќе од 1400-1500 д+ и на Тена и најавив да ме очекува за 6-7ч на финиш. Мојата прогноза ќе излезе делумно точна бидејчи вториот дел ќе го завршам нешто над 7ч.

Првите 3-4км после Ургуп беа по благ макадам пад, кој делумно го трчав делумно го пешачев, штедејќи енергија бидејќи знаев дека ме очекува најдолгиот успон на трката. Иако успоните ги сметам за една од моите подобрите страни и повеќе сакам на вакви долги трки кога има многу стрмни успони отколку благи и долги, на вториот успон пред платото почнаа посериозните проблеми кои ќе ме пратат до крај на трката.

Најверојатно поради недоволните планински тренинзи во последниот период но и поради тоа што во последниве неколку месеци не правев вежби за сила на нозете, почнав да осеќам како ми се грчат мускулите на нозете и тоа само на квадрицепсите. Посебно на десната нога бидејќи повредата на мускулот која ја имав беше на левата нога и таа нога ја штедев постојано од почетокот на трката, голем напор паднал на десната нога и таа почна да ми се грчи.

Втор проблем кој се појави во овој период од трката а кој не го очекувавме беше тоа што не постоеше патека. Одевме по многу див терен, камења покриени со висока и требаше многу да се внимава за да не се повредиме. Но полека полека стигнав до врвот и почнав да трчкам накај седмата к.т. Плато. Во тие неколку километри иако теренот беше претежно рамен или со блага надолнина многу тешко се трчаше бидејќи не постоеше никаква патека. После оваа к.т. следуваше долг и стрмен спуст кој релативно добро го истрчав.

На 3-4 км пред осмата к.т. на влезот на едно село имав средба со 3-4 големи турски кучиња. Иако додека бев далеку од нив ме лаеја, сепак кога се доближив се смирија, но од претпазливост тие 500-600м морав полека да ги испешачам. На излезот од селото го видов Жико како доаѓа и тргнавме заедно на последната нагорнина пред к.т. Карлик.

После Карлик следуваше уште едно подолго искачување кое овојпат беше умерено стрмно по макадам пат. Пред крајот на искачувањето не стемни, ги извадивме челните лампи и продолживме. Според профилот видовме дека по ова искачување ни следувааат 3-4км по релативно рамен терен и потоа 5-6км спуст до последната к.т.

Затоа решивме да не се вложуваме премногу на ова искачување за да имаме сила добро да го истрчаме последниот дел. Рамниот дел го истрчавме, но кога дојде време да појдеме надоле, видовме дека обележаната патека повторно излегува од патот и спустот е по див и многу стрмен терен. Стрмнината не ни претставуваше проблем, меѓутоа тоа што немаше патека претставуваше ризик доколку побрзаме да се повредиме. Затоа и решивме без разлика на се да не се форсираме во тој дел.

По стрмниот и див спуст следуваше уште еден дел од 2-3км кој одеше по релативно рамен терен, но тука пак имаше премногу кал, патиките ни тежеа сигурно по 2кг. Така полека полека стигнавме на последната к.т. Мустафапаша. Се задржавме многу кратко, и по една кратка нагорнина тргнавме надоле кон Ургуп, надевајќи се дека овие последни 10тина км ке ги истрчаме.

Но патеката не одвете во една новосоздадена река, т.е. во река која се создала дента од врнежите. Маркациите одеа точно по средината, ние се обидовме да заобиколиме, па потоа пешачевме низ реката. Следуваше краток успон и последниот спуст кон Ургуп.

На 2км до крај не пристигнаа Александар од Бугарија и еден домашен натпреварувач. Му предложив на Жико доколку сака да продолжи со нив, но и тој не сакаше да се форсира со оглед на тоа дека имаше проблеми со стомакот во дел од трката. Јас чувствував дека можам, меѓутоа нозете т.е. квадрицепсите ми беа во очајна состојба и знаев дека ако се обидам да завршам 2-3мин побрзо на крај нозете ќе ми се распаднат.

Сепак после трката требаше наредниот ден да шетаме по Кападокија, а веќе во вторникот не очекуваше возење уште 1600км назад до дома. Затоа и одлучивме до крај да си довршиме со наше темпо без разлика дали некој не поминува или не. На 500м пред целта не стигна Пирин од Бугарија кој трчаше заедно со еден тркач од Австрија. Тие финишираа 1мин пред нас.

Пред целта не пречека скоро цела екипа, предводена од Тена, Мартина, Софија, Трајче. Завршивме за 14ч и 31мин на делба на 13тата позиција во машка конкуренција.

За неколку часа ги пречекавме и Игор и Мики, едниот од дебитантите на трки подолги од 100км. Беа среќни но искршени, и двајцата со повреди на нозете. Но сепак изиграле паметно што се држеле заедно, посебно во ноќта. Останавме да го чекаме и вториот дебитант на 100, Пирко. За некој час и тој се појави, најсвеж од сите нас. Се сликавме и полека се упативме кон хотелот. Сакавме да ја пречекаме и Светле, меѓутоа веќе беше 2ч по полноќ и не можевме да издржиме. Само Жико издржа машки и остана да ја пречека Светле, која патем успешно ја заврши и оваа ултра.

Додека ние ги поминувавме нашите 110км, останатиот дел од екипата одлично се претствил на пократките трки. Бонев во фото финиш на 36км го освои првото место, Трајче без тренинзи успешно ја заврши трката на 62км а Софија која без никаков проблем, најсвежа од сите нас ја заврши трката на 36км, а потоа остана до доцна во ноќта да не чека на целта.

Што се однесува до мојот резултат верувам дека можев подобро, но со оглед на повредата, трите недели пред трката без тренинзи и со оглед на заморот од трките во последниов период сепак сум задоволен од постигнатото.

Оваа трка би му ја препорачал на секој кој сака да го спои трчањето со туризмот. Природата им подарила многу, има многу места кои треба да се посетат. Трката е релативно добро организирана, котизацијата не е многу висока, цените на сместувањето се прифатливи.

Од мене за оваа година толку, следува краток одмор од трки, средување на желбите и наоѓање на нови предизвици за наредната 2016 год.