Пановски и Цветановски се шампиони на Македонија во радиоуправувани авиони и едрилици за 2015 година

Резултати од државното првенство во радио управувани модели

Државно првенство во радио управувани модели на авиони едрилици и хеликоптери се одржа на 20 Јуни 2015 година на спортскиот аеродром во Прилеп  каде се собраа најдобрите македонски пилоти на радио управувани модели на авиони, моторни едрилици и хеликоптери, а настанот го збогати и присуството на неколку дронови.

Повод за овој собир беше одржувањето на државниот шампионат на Македонија во зоздухопловно моделарство во категорија на радиоуправувани воздухоплови, кој како дел од календарот на натпревари во спортско моделарство за 2015 година го организираа Воздухопловната Федерација на Македонија и Клубот за Воздухопловни Спортови „Фил Феникс” од Прилеп.

Благодарение на стручноста на меѓународните судии Димко Спиркоски и Велкоски Димче, сончевото и мирно време организаторот успеа да ги имплементира високите стандарди, кои им овозможија на учесниците да ги покажат своите знаења и врвен квалитет во пилотирањето со радиоуправувани воздухоплови.
Најдобрите македонски пилоти на радиоуправувани воздухоплови од Скопје, Кавадарци, Битола, Охрид и домаќинот Прилеп постигнаа одлични резултати, и при изведувањето на сите натпреварувачки летови покажаа врвни способности и беспрекорна техника на летање.

Летовите беа бодувани врз основа на исклучително строгиот правилникот на меѓународната воздухопловна федерација (ФАИ) за реализација на меѓународни воздухопловни спортски натпревари од ваков тип.
Кај радио управувани едрилици со погон на електро мотор се бодуваше времетраење на лет и прецизно слетување во четири натпреварувачки летови, а додека кај радиоуправуваните авиони и хеликоптери се бодуваа исклучително сложени летови во кои се изведуваа два програми на акробации (основен со 6 акробации и напреден програм со комплет од 11 акробации).

Постигнатите резултати, освоените бодови и пред се изведувањето на фантастичните акробации за кои досега теоријата кажуваше дека се невозможни, ги воодушевија стручните лица и посетителите, и потврдија дека Македонија има врвни воздухопловни спортисти и во овие воздухопловни дисциплини.

Сите учесници покажаа висок степен на оспособеност, знаење и одлична техника на пилотирање, од кои посебно ќе ги издвоиме Недан Пановски и Иван Христов, меѓународно познати пилоти на радиоуправувани авиони – акробати, кои единствено ги изведоа најсложените програми за акробатско летање, Филип Мировски, кој перфектно управуваше со најголемиот радиоуправуван хеликоптер, Драган Цветановски кој првпат во својата спортска кариера стана македонски шампион во радио управувани едрилици и многу други.

Државниот шампионат се реализираше во следните категории:

Во рамките на ФАИ (Меѓународната Аеронаутичка Федерација) веќе се донесени предлог правилниците за вклучување во воздухопловните спортски дисциплини и на мултикоптерите, популарно наречени дронови. Како резултат на тоа организаторот на шампионатот оваа година им овозможи и на македонските пилоти кои поседуваат дронови да земат учество на ова првенство преку изведување на ревијални летови.

По зададена програма која е предвидена за спортски натпревари на овој вид на беспилотни воздухоплови свој настап имаа Иван Христов од Скопје и Фан Продукција од Прилеп, кои изведоа комплет од посебно интересни и несекојдневни акробации и воздушни маневри со своите летала.

По завршувањето на оваа манифестација, вниманието на Клубот за воздухопловни спортови е насочено кон големата организација на двата натпревари од светскиот куп „Прилеп Куп – Трофеј на Прилеп” и „Македонија Светски Куп” кои се одржуваат на 26 и 27 Септември на кои се очекува учество на голем број на спортисти од дваесетина држави.

Последната официјална, и се надеваме најмасовна средба ќе се одржи на 11 Октомври 2015, кога ќе се одржи Собирот на пилотите на радио управувани модели од Македонија на кој ќе се изведуваат ревијални летови со сите видови на радиоуправувани модели.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија