Салмонела каде не ја очекувате

Како ви звучи свежо смелен црн бибер? Вкусно, а понекогаш и салмонелозно…

Зачините на мера кои ги наоѓаме по пазарите често се контаминирани со микроорганизми, а помеѓу нив демнат и такви кои се поврзуваат со пневмонија, сепса и други сериозни инфекции.

Истражувајќи го овој проблем, научниците од Државниот универзитет во Канзас, микробилошки тестирале повеќе зачини од различни пазари. 4 од 10 примероци биле контаминирани со микроорганизми, тешки метали или миксотоксини (знак за габична контаминација) или комбинација од овие.

Салмонела, бацилус цереус и стафилококус ауреус се дел од патогената флора во зачините на мера, а најконтаминирани се црниот бибер, ориганото, турмерикот, темјанот.

Фактот дека зачините се продаваат на отворено, најчесто во садови кои со години не се стерилизираат придонесува за честата контаминација. Од друга страна комерцијалните пакувани зачини често се стерилизирани со етилен оксид или пареа, па претставуваат посигурна варијанта.

Особено во летниот период владеат поволни услови за размножување на патогените микроорганизми, па затоа бидете особено внимателни кога купувате било каква храна, а бидејќи зачините се интегрален дел од вкусната храна, користете ги секогаш но од проверен извор.