Ем Винд ем Сурф со Зоран Митрески

Зоран Митрески е чедо божјо,  фаца ипол, чоек, другар, и спортски продуховен едрач. Личи многу на Јустинијан Први а.к.а Управда (кој го знае ќе се согласи). Строен и скромен дечко кој од извесно време во рака повеќе држи едро отколку лажица. Дел е од нашата виндсурфинг елита и се бори за што поголема промоција на овој спорт во Македонија. Ние му порачуваме, САМО НАПРЕД. А во продолжение се одговорите на неколку прашања!

Како започна да се занимаваш со виндсурф?

Пред 10 години во Грција, видов како виндсурферите летаат по вода. Пробав, веднаш сватив дека е спорт за мене. Потоа достигнав некое ниво, стекнав лиценца, почнав да работам како инструктор, и влегов во светот на виндсурфингот.

Нешто повеќе околу овој спорт…

Виндсурфинг – едрење на даска, е спорт условен од ветрот и бара особена психофизичка и координациона кондиција, посебна за овој спорт. За мене, број еден во водните спортови во однос на атрактивност, тип на уметност, повеќе елементи се споени во едно, нашето чувство за природата, ветерот и брановите, сопствената поставеност на опремата и одредените перформанси на самата опрема. Посебно чувство на споеност со сите елементи, чувство дека сето се случува само од себе. Се достигнува особена брзина, светскиот рекорд е повеќе од 90км/сат.

Нешто повеќе за опремата?

Постои богатство од поддисциплини, и за секој еден стил, си има соодветна опрема – free style windsurf, wave style, flow style – фигуративни стилови, потоа има тркање – slalom racing, speed racing, course racing (регатно едрење). Даските за free style и за на бранови се помали и позаоблени, платната се помали и конусни, даските за тркање се долги и пошироки, платната се особено големи. Се користи и додатна опрема како појас, заштитно одело, итн. Има многу производители, попознати се Neil Pryde, Gastra , Easy Sail, Sail loft за платна, Fanatic, Starboard за даски.

Колку време е потребно за да се влезе во штос?

Се почнува со наједноставна опрема, што значи голема даска, помало платно, доволно да те придвижии да се разбере како опремата работи со ветрот. За да се создаде почетна рамнотежа и основно движење со вртење доволно е неколку саати. Она убаво напредно ниво, посилен ветар, поголема брзина-глисирање (planning conditions), каде што се користи појас за половината и страпови на даската за стапалата, со добар инструктор се достигнува за некои 10 дена.

Каде може да се набави опрема и дали нашите водни површини и ветрот нудат услови за добар винд сурф?

Засега немаме дистрибутер и специјална продавница на виндсурф опрема, и се што користат виндсурферите во Македонија, секој сам си донел. На езерата во Македонија има услови, совршени се за убав почеток, има ветрови, на Охридско, Дојран, Велешко.

Најдобри места во светот за овој спорт..

Насекаде каде што дува ветер, море, океан, езера. Поблиску, Јадранско, тоа е Ада Бојана во Црна Гора, Хрватска, потоа островите во Грција. Топ дестинации секако има, сите тие јужни земји што се на океан, Хаваи, Венецуела, Кариби, Канарски острови, Маурициус, Тарифа и други места во Шпанија, езерото Гарда во Италија, потоа Египет со Хургхада на Црвеното море и за мене најубаво место е Дахаб на Синајскиот полуостров – место како од сон.

Македониј и виндсурф, клубови, федерација

Кај нас има неколку клубови за виндсурф – Снегар од Струга, Пеликан и Развигор 103 од Скопје кои се дел од Едриличарската федерација на Македонија, во која се вклучени и клубови кои што ги практикуваат и другите класи на едрење – оптимист, ласер , 470, итн… тоа се Снегар и Сирма во Струга, Бофор, Пират и Стрмец – Охрид, Пампур од Скопје.

Каква стратегија има околу ширењето на овој спорт и понудата во склоп на спортскиот туризам особено на Охридското езеро, интерес

Едриличарската федерација се наоѓа во Охрид. Го организираше минатото Балканско првенство на кое имаше повеќе од 200 учесници од шест балкански земји во седум различни класи, и активностите продолжуваат. Како стратегија, сметам дека потребно е да се создадат повеќе виндсурф клубови, постојано отворени за професионално или рекреативно, туристичко едрење достапно за сите, во дослух со федерацијата и државните спортски органи. Потребен е ентузијазам, ентузијасти и време.                                                                             

 

Професионално едрење ?

Идејата беше на мојот инструктор Клаус Нуклис од Германија, да бидам учесник како македонски репрезентативец на Олимписките Игри. Си постои RS:X one design Olympic class, и откога ја набавив таа опрема, се е во тек на подготовки и првенства. Посебен тип на едрење, преубаво и особено бара физичка подготвеност. Бев на првенства, светски шампионати и купови во Шпанија и Франција. До Олимписките Игри следува уште многу. Досега делувам, се образувам благодарение на љубовта кон едрењето и помошта од блиските, Господ.
Се надевам на дослух од државните спортски органи за морална и финансиска подршка, имајќи предвид дека олимпиското едрење е скапо, и сам човек против сите не успева. Исто така едрото има простор за видливо истакнување на лого од спонзори, кои би го подржале спортското едрење.

Планови…
Учество на Европското Првенство во Турција крај на Јуни, и веќе сум регистриран за Светскиот Шампионат – квалификации за Олимпијада, Септември месец во Сантандер, Шпанија. Секако во меѓувреме учество на тренинг кампови во соработка со трењери од другите едриличарски федерации. Кога не сум на вода, во Скопје, почнав да учам спортско качување, кое за мене е совршена замена за едрењето.

Чувството да се движиш со ветрот?

Ветрот, придвижениот воздух, тоа е вдахновено, божествено нешто, го има а не го гледаш, го чуствуваш, па сега додадете и ако се движиш со помош на таа сила, и крилото – едрото, чуство на слобода на езерската, морската непрегледна ширина. И во исто време отприлика владеат некои закони на аеродинамика, и закони на себеоткривање. И на секое место ветровите се различни и имаат специфични имиња. Особено впечатлив е првиот момент, првите поминати метри, а потоа и секое искачување на повисоко ниво на виндсурфинг.


Зоран рече видеава да ви ги доставиме на разгледување…

 

 

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија