Конектинг Битола

Зимско искачување на Пелистер

Уште од почетокот на зимава, ако може да се класифицира како права зима, на ум ни стоеше планината Баба со својата маркантната убавина, врвот Пелистер. Договор падна заедно со еден гостопримлив битолчанец кој се покажа како одличен домаќин, дојдоа уште двајца и тргнавме нагоре. Како ден беше избрана сабота, а баш таа сабота на Пелистер бевме само ние, буквално. Шубо, шо би рекле битолчани!

Понудата за качување до Антени беше отворена до цела Битола, но најверојатно самата сабота која често е работна, па и маглата во која беше обвиена прекрасната планина од нејзиното подножје па се до, за наша среќа, отприлика 1800 м.н.в. си го направи своето. Мало друштво, големи муабети. 

Домаќини ни беа Саша Грбиќ, неговата сестра Сања Грбиќ и Виктор Калаузи и во вака мало друштво Пелистер беше едно супер релаксирано и спокојно искуство. Саша и Виктор водеа напред, а денот одлично се развиваше. 

Тргнавме од Молика низ истоимените моликови шуми, до несреќно изгореното „срце“ на битолското и македонско планинарство, домот Копанки, преку скијачката стаза до Камењарот кој беше делумно обвиен во снег па затоа беше потребна поголема претпазливост при качувањето. Од таму до видиковецот, па до врвот Стив откаде се надѕираше врвот. Додатно поминување на две седла и како крај, мразовите на Антени. 

Денот се погоди солиден, типично зимски. Со малку сонце, на почетокот магла, а на повисоките делови со ветер. Поради недоволната снежна покривка на планината бевме приморани да се враќаме по шумскиот пат кој оди од ловечката куќичка па ја кружи целата планина до патот за хотелот Молика. 

А за сите оние кои никогаш немале прилика да ја посетат оваа наша убавина, дебелата моликова шума, кристалите чист воздух што делуваат далеку подобро од било каква инфузија и спокојот кој ќе завладее со вашата душа, наоѓајте слободен ден и не се колебајте!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија