Храна што буди насмевки

Дали патот што завршува во најблиската слаткара или сендвичара ви создава задоволно, скокотливо чувство? Епа не за долго, ваквата храна на долгорочен план се поврзува со депресија.

Многу студии ја поврзуваат брзата храна и процесираните слатки со депресија. Дали луѓето кои јадат ваква храна се поподложни на лошо расположение или пак депресивните луѓе бараат утеха во брзата храна не сме сигурни. Но сигурни сме дека ако се чувствувате барем малку блузерски, треба да посегнете по следните неколку бустери на расположението. Сепак најубавите чувства се будат преку стомакот…

Повеќе Б витамини

Целата група Б витамини го подобрува расположението, делува одлично и смирувачки врз менталното здравје. Можете да ги земате како суплементи или едноставно да внесувате повеќе храна која содржи Б комплекс. Спанаќ, риба, грав се само дел од намирниците кои изобилуваат со овие витамини, а за додатна доза на Б12, периодов е тамам за кисели краставички и кисела зелка кои се одличен вегетаријански/вегански извор.

Чоколадото не е грев

Ама ова важи само за темното чоколадо во кое се изоставени сите додатни масти и шеќери. Темното чоколадо е одличен извор на фенилетиламин, супстанца со стимулирачки ефект врз мозокот, но и врз желбата за галење со партнерот. Не за џабе е наречен “љубовна дрога”, а таму каде што има љубов, нема место за депресија.

 

Грицкајте јатки

Одлични како ужинка, за супресија на апетит, а сепак богати со многу здрави масти, витамини и минерали, а кога сме веќе кај минералите еден особено се вклопува во оваа тема. Магнезиумот во јатките го има во големи количини, а недостатокот на магнезиум ја нарушува и продукцијата на серотонин (хормонот на среќата). Индиските ореви, кикириките и бадемите се меѓу најбогатите со магнезиум.

Витамин Д и сонце

Сонцето изнудува насмевки на лицата, особено во зимските месеци кога се поретко ѕирка низ облаците. Затоа користете го паметно секој сончев ден и обратете внимание на тоа дали примате доволно витамин Д. Овој витамин освен за коските, ви е потребен и за доброто расположение. Млекото и млечните производи, рибиното масло, јајцата се добар извор за здрави заби, коски и насмеани лица.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија