Прерана специјализација во спортот

Прерана специјализација е поим кој означува воведување на деца и адолесценти во напреден тренажен процес со намера психофизичките способности да се подигнат на многу високо ниво, за да се постигнат врвни спортски резултати.

Тудор О. Бомпа еден од најголемите светски експерти во оваа област, јасно укажува на потребата од системски, постапно и општо(сеопфатно) развивање на спортистите како неопходен пат кој треба да се помине, за да се постигнат врвни резултати. Според тоа Бомпа има направено периодизација на тренингот. Таа е поделена на : Општ и Специјализиран развој.

Општиот развој e од 8 до 14 годишна возраст. Овој период е поделен на иницијација (8-10 годишна возраст) и обликување на спортистот (11-14 годишна возраст).

Специјализираниот развој започнува од 15 години. Тој е поделен на: специјализација (15-19 годишна возраст) и врвна изведба (над 20 години).

Оваа поделба важи скоро за сите спортовите, но возраста за почеток на општ развој и специјализација е различна. Така во уметничкото лизгање, пливање, скокови во вода, ритмичка гимнастика и некои слични спортови каде што е потребна флексибилност, координација и брзина на изведување на поедини движења, општиот развој трае од 6-9 година, специјализацијата од 10-12година, а додека врвни резултати можат да се постигнуваат после 13 годишна возраст.

За разлика од овие спортови каде што треба порано да се започне со општиот развој и специјализацијата, постојат и спортови каде се започнува покасно. Такви спортови се атлетските дисциплини: фрлање ѓуле, трчање на средни и долги патеки, потоа скијачко трчање, велосипедизам, борење и други спортови каде доаѓа до израз силата и издржливоста.

Од ова можеме да заклучиме дека прво се развиваат, флексибилноста, рамнотежата, координацијата, потоа, брзината, а последни се развиваат силата и издржливоста. Неизбежно е да се запази овај редослед на развивање на поедините моторни способности за да се постигнат врвни спортски резултати.

Почетокот на општиот и специјализираниот тренинг зависи и од биолошката возраст во однос на хронолошката возраст. Така некои деца можат да имаат напредна, а други назадна биолошка возраст. Од големо значење е тоа да го забележи тренерот и според тоа да направи соодветен тренинг план.

Карактеристично за прераната специјализација е брзиот напредок кој придонесува до :

  • Најдобрите резултати се постигнуваат на возраст од 15-16 год.
  • Нестабилност на натпреварите.
  • Околу 18 година голем број од спортистите го напуштаат спортот.
  • Подложни се на повреди поради присилното прилагодување.

Систематскиот развој се карактеризира со бавен напредок:

  • Најдобрите резултати се постигнуваат после 18 годишна возраст, односно во време на телесна и психолошка зрелост.
  • Стабилност на натпреварите.
  • Долготрајно активно спортување.
  • Помал број на повреди

Тренингот на младите спортисти од повеќе причини треба да зазема посебно место во спортската припрема, затоа што тој тој е клучен за понатамошниот развој. Поради тоа потребно е повеќегодишно и планско развивање на секоја моторна способност. Со таков континуиран развој ќе се минимизираат можностите за повреда и застој во спортскиот развој, а со тоа максимално ќе се искористи потенцијалот на спортистот.