Кирковски го искачи и спушти Мон Блан од италијанска страна за 10 часа

На 23.07.2018 година македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски реализираше соло брзинско искачување на највисокиот алпски врв Мон Блан 4810 мнв од потешката и подолга италијанска страна.

Врвот Мон Блан 4810 мнв е највисок на Алпите и се наоѓа на границата помеѓу Франција и Италија. Планината почесто се искачува од француската страна, а класичната италијанска рута е првпат качена во 1890 година. Интересно е што еден од првите качувачи на оваа рута Ахиле Рати, подоцна станал римски Папа поради што истата често се наоѓа под називот „Папска Рута”.

“Во 3:50 часот наутро стартував ниско од подножјето на планината, долината Вал Вени на 1900 мнв. Рутата е доста долга со вкупно 31 километар и 3100 висински метри, воедно потешка и помалку фреквентна од француските класични рути. За време на потфатот постојано се движев соло, а единствената скромна но значајна логистика ја имав пред домот Гонела на 3070 мнв од страна на пријателите Петар и Димитар. Потешкотија ми претставуваше движењето ноќе на почетокот по големиот и необележан глечер Миаж, но и правењето рамнотежа помеѓу брзината, потребната опрема и безбедноста во што треба да се биде максимално прецизен при соло брзинските искачувања.” – вели Кирковски. 

Целиот потфат вклучувајќи ги успонот и спуштањето до појдовната точка е реализиран за 9 часа и 58 минути.

Брзинското искачување на високите планини во светот е релативно понов тренд кој во рамки на дисциплината “скајранинг” се јавува во последните 20-тина години. За Александар ова е шесто успешно искачување на највисокиот алпски врв, а минатото лето постави најдобро македонско време на Мон Блан од француската страна за 6 часа 26 минути до врвот и назад.

Акцијата е дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, а во тимот се уште Димитар Тодоровски и Петар Ивановски. Воедно, Димитар Тодоровски направи успешно искачување на врвот Мон Блан во рамки на оваа акција. 

Записот можете да го видите тука.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија