(Не)очекуваните победници на Бостон Маратон 2018

Лошите временски услови со многу силен дожд и ниски температури го направи 122-то издание на бостонскиот маратон навистина интересно за следење. За разлика од вообичаено очекуваните земји на потекло на првопласираните (Етиопија, Кенија итн.), на подиумот застанаа Јапонец и неколку Американки, но уште поинтересно е дека поголемиот дел од овие технички се сметаат за аматерски маратонци.

Во женска конкуренција етиопјанката Мамиту Даска ја водеше трката но мораше да се откаже пред крајот на трката каде водството го превзема добро познатата двократна олимпијка Дезри Линден која стана првата Американка која го добива Бостон Маратон од 1985 година наваму. 

Но, иако Дезри не изненади со нејзината победа, веднаш зад неа, на второто место на финиш линијата заврши тотално анонимна 26-годишна девојка по име Сара Селес која настапува на својот втор маратон. 

Нејзин прв настап и бил на маратонот во Јута каде успеала да фати норма за учество на Бостон, а на овој, таа се решила да натапи бидејќи нејзиниот брат истотака се пријавил. Сара работи полно работно време како медицинска сестра на одддел за анестезиологија во болница во Аризона и нема никакви спонзори или помагатели. 

Второто место го освојува со време од 2 часа и 44 минути и дома си отиде со награда од 75.000 долари. 

Третото место во женска конкуренција, пак, го освојува 41-годишната Криста ДуШен од Канада чија цел била да заврши во топ три но во нејзината ветеранска категорија. 

Во машка конкуренција, пак, победник е Јапонецот Јуки Каваучи попознат како „Тркачот на народот”. Јуки е многу добро познат во најтешката атлетска дисциплина, но повторно тој не е целосно и професионално посветен на атлетиката туку во Јапонија има полно работно време во државна администрација. 

Познат е по неговиот строг и редовен тренинг режим кој несомнено има вродено многу фантастични резултати на маратонските дистанци – 2:08 на маратонот во Сеул, многукратни 2:10 времиња и подиуми на разни други манифестации, 1:02 како најдобро време на полумаратон итн. Ова прво место тој го освои со време од 2:15:58. 

Тој истотака е рекордер во некои необични трки како полумаратон во костум, а пред извесен период тој стана гинисовиот рекордер по најмногу истрчани маратони со време под 2 часа и 20 минути – вкупно 78. На доделувањето тој скромно надополни: 

„Со мојот стил на тренинг целам кон околу 10 маратони годишно, и благодарение на тоа го поставив овој рекорд. Многу сум среќен што сум препознаен како гинисов рекордер, но не сум задоволен со 78. Би сакал да одам понатаму, до 100 и повеќе вакви маратони.” 

По оваа церемонија тој го истрача полу маратонот Куки во костум – панда со време од 1:10:03. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија