Оохо, па ова нема капаче

Водени од фактот што индустријата за флаширање на питка вода во денешниов период во најголем дел се заснова на пластична амбалажа која и тоа како лошо влијае врз околината, група на инжињери, дизајнери и научници од Скипинг Рокс Лаб се во обид да ја истуркаат нивната целосно невидлива и еколошки настроена амбалажа под името Оохо!

Еколошкиот импакт на животната средина од пластичните амбалажи не доаѓа единствено од нерециклираниот отпад кој завршува по депониите и океаните од голем број на држави каде рециклажата е скоро целосно нефункционална, туку многу повеќе и од самото трошење на ресурси (фосилни горива кои создаваат штетни гасови и вода) кои се користат за самото произведување на амбалажата.

Според некои статистики се вели дека во процесот на изработка се трошат 3 литри вода за да се создаде 1 литар вода флаширана во пластична амбалажа (каков ли е ова парадокс), а согорувањето на фосилните горива, горивото за транспортот и ЦО2 емисијата на оваа индустрија имаат негативни последици од екстензивни размери врз целокупната животна средина.

Концептот на биоразградливата „невидлива” амбалажа на Оохо за првпат беше прикажан 2014 година, а некое време подоцна работејќи на усовршување на концептот екипата составена од неколку дизајнери, инжињери и хемичари решија да побараат поголеми средства преку кампања за да ја зголемат својата продукција.

Се работи за создавање на меурче од невидлива мембрана преку хемиска реакција на калциум хлорид со натриум алгинат – екстракт од морска алга кој има широка примена во медицината, стоматологијата, фармацијата, козметиката и прехрамбената индустрија.

Во меурчето практично останува заробена течноста која може да биде вода или некаков сок и истото по неговото стврднување станува лесно за транспорт и чување. Мембраната на Оохо т.е. амбалажата е комплетно биоразградлива, може да се јаде – нема токсичен ефект и според информациите, индустријата од овој тип би испуштала пет пати помалку ЦО2 за продукција на овој тип на амбалажа.

Компанијата сега за сега цели на испробување на меурчињата на настани каде амбалажата би била пригодна за употреба како спортски настани, маратони, фестивали – планот им е да го испробаат на Лондонскиот маратон и на Гластонбери, а финансиите во овој момент се потребни за изработка на машина за автоматизирано производство на Оохо.

Сепак, како и за секоја поголема индустрија потребно е да се разгледа и потенцијалната проблематика со снабдувањето на алгинат за потребите како и влијанието врз овој дел од еко-системот – (морските алги).

Подоле можете да ги погледнете реакциите на луѓето со нивната прва средба со Оохо!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија