Интервју со младата атлетичарка Матеја Ефремовска

Тимот на к4т.мк го имаше задоволството да поразговара со една прекрасна млада спортска личност која плени со својата енергија и убавина а воедно и со успесите на тартанот. Се вика Матеја Ефремовска, живее во Куманово и е член на Атлетскиот клуб – Куманово а со своите 17 години ветува светла иднина на овој спорт кај нас. 

к4т.мк : Кралица на спортовите, зошто токму атлетиката и кој те воведе во таа прикаска на тартанот?
Матеја : Според раскажувањата на татко ми, се почнало кога сум имала 4 години, сме гледале Атлетски Митинг ми било многу интересно и уште тогаш сум кажала ” Јас сакам ова да го правам” и татко ми пријатно изненаден од изјавата се заинтересирал. Сепак во недостаток на клуб и тренер, почнав на 8 годишна возраст да тренирам со Драган Петровиќ, но тоа траеше само 2 -3 месеци и прекинавме заради неговите обврски. Поминаа години и татко ми се запозна со Филип Колевски и му помогна во реализација на започнување на атлетска школа, упис на нови деца, набавка на спортски реквизити какви што сеуште не видов да користи никој во Македонија и навистина беше интересно да се тренира зошто беше како спортска школа.

к4т.мк : На колку години започна поредовно да тренираш?
Матеја : Започнав со поредовни тренинзи на 12 годишна возраст. Имав среќа бев прв ученик на мојот тренер и доста брзо тренирањето го сфатив сериозно и додека имаше малку деца од таа прва генерација тренерот мојата редовност и упорност ја наградуваше со поголемо внимание и тоа вроди со плод и затоа и имав брз успех уште на почетокот.

к4т.мк :  На колку домашни и странски натпреварувања си земала учество?
Матеја : Учествував на голем број домашни натпревари, а од меѓународни досега зедов учество на три балкански првенства и едно отворено државно првенство во Бугарија.

к4т.мк : Кој се твојте позначајни успеси, и кога почна да се натпреваруваш?

Матеја : Мојот тренер ме спремаше за седмобој, но нема натпревари во повеќебој во Македонија, затоа морав да настапувам во поединечните дисциплини. Имам настапувано во речиси сите дисциплини и земано медали од скокачки и фрлачки ( ѓуле, копје) дисциплини до крос трки.

Од 2007 настапувам на сите Државни Првенства во моја и во постари категории. Меѓу најзначајни успеси е тоа што сум државен првак во скок во височина во сите категории, а имам освојувано први места во разни категории во дисциплините 100м со пречки и скок во далечина.
Во 2011 година додека бев пионерка учествував на Државно Првенство во сала во Бугарија и во петобој ( повеќебој за пионерки во сала) освоив второ место во пионерска конкуренција.
Од неодамна станав и Државен рекордер во трискок до 17 и 19 години.

к4т.мк : Имаш ли можност да се докажеш на интернационално ниво?
Матеја : Оваа година ќе има доста натпревари на кои ќе имам можност да се докажам, пред се на Балкански Првенства до 17 до 19 и Балканско сениорско , на кои очекувам дека ќе учествувам. Се надевам ќе најдеме финансии со клубот за да учествуваме на некои атлетски митинг во соседните земји за да се подготвам за важните натпревари и за да имам повеќе обиди за постигнување на лични рекорди.

к4т.мк :  Каде најчесто ги спроведувате вашите подготовки и дали одите во странство или сепак ги користите домашните капацитети.
Матеја : До пред една година немавме речиси никакви услови за тренирање, па трениравме на отворено на рид , преку зима во сала и во домашни услови- „home made ” вежбална, додека минатата година Општината изгради атлетска патека ( со должина на круг 200м ), која се наоѓа непосредно во моето соседство, па често го задеваат татко ми да не е нарачана за мене лично.

к4т.мк :  Имаш ли посебни подготовки пред натпреварите?
МатејаСекогаш е посебно планирана целата неделата пред натпревар, кога имаме одмор, кој тренинг колку дена пред натпревар го правиме, кога додатно се истегнуваме или правиме нешто за опoравок итн. Гледам повеќе да спијам тогаш. А за непосредно пред натпреварот планирам што ќе јадам, колку течности и кога ќе испијам, како ќе го направам загревањето за различните дисциплини итн.

 

к4т.мк : Во кој клуб си и кој тренер или тренери ти помагаат во тренажниот процес?

Матеја : Работам од 2008 со тренерот Филип Колевски. Бев со него до 2012 година во Атлетскиот клуб Скок, а од 2013 сме ( и јас и тој) во Атлетскиот Клуб Куманово. Тој го води целосно тренажниот процес, – методите на регенерација, режимот и начинот на живеење (исхрана, спиење), психолошка подготовка.

к4т.мк :  Колку пати дневно/неделно тренираш?
Матеја : Тренирам доста напорно и имам еден или два денови одмор во неделата, некогаш имам по два тренинзи дневно, а зимски период до десет тренинзи неделно.

к4т.мк : Во која категорија/категории се натпреваруваш?
Матеја : Настапувам во сите категории, инаку сум во категорија на помлади младинки (до 17 год.), но заради недоволен број на натпревари во оваа категорија настапувам во постари возрасти категории.

 

к4т.мк : Што ти се допаѓа најмногу кај овој спорт и дали имаш некој интересна случка која што можеш да ја споделиш?
Матеја : Најмногу ми се допаѓа тоа што е индивидуален спорт во кој се знае резултатот според кој се ориентираш колку всушност си добар, а и тоа што сам си препуштен на себе и си ја кроиш судбината. Имам доста интересни случки, меѓу кои е мојата прва трка, всушност крос на 8 годишна возраст на кејот на Вардар кога татко ми ме одведе без никаква подготовка да трчам 3 км, не мислејќи дека навистина ќе трчам до крај. Меѓутоа јас бев решена сериозно да ја истрчам трката, а не како тој што мислел дека ќе се прошетам. И така заради мене татко ми заврши последен.

к4т.мк : Имаш ли некој идол од големите имиња на светската сцена?
Матеја : Наталија Добринска – седмобојка од Украина, олимписки првак од 2008 год.

к4т.мк : Кои натпреварувања ти следуваат во иднина и на што ќе се фокусираш?

Матеја : Следен натпревар на 18 мај е Меѓународен Митинг за млади младинци категорија до 17 години, кој ќе се одржи во Русе во Бугарија, на кој ќе учествуваат само шест натпреварувачи од Македонија. Потоа ќе има и државни првенства на Македонија, Балкански првенства, а сакам да учествувам и на некој Меѓународен митинг. А ќе се фокусирам што би рекол нашиот сограѓанин Аце Русевски “Да биду светски првак ” .

к4т.мк :  Дали имаш некаков специфичен хранителен режим и суплементација?

Матеја : Да, имам посебен систем на исхрана кој го направи тренерот и строго го почитувам, бидејќи знам дека и исхраната е дел од резултатот што го постигнувам. Системот е детален, вклучува бележење на се што јадеме и бодирање, го применуваме 5 деца во клубот и се натпреваруваме кој ќе собере повеќе поени, односно кој ќе биде поуспешен во правилната исхрана .

к4т.мк : Што би им препорачала на твоите врснички?
Матеја : Атлетиката е нешто најкорисно во мојот живот, ми овозможи да се чувствувам исполнето, да имам амбиција, сон, планови, да имам животни искуства и доживувања. Некои натпревари ми се многу драги спомени. А покрај тоа многу го сакам тренирањето зошто тренингот ме ослободува од грижи, нервоза а и од здодевноста.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија