Скопје - (09.05.2013) од Пресот на СМ 2013

Скопски Маратон со учесници од сите континенти

Скопски маратон на 12 мај ќе се одржи традиционално по девети пат со пријавени над 4.900 учесници од сите континенти. Целата спортска манифестација ќе започне во 9 часот во центарот на градот поточно на Рекорд и се очекува да заврши во 14 часот на плоштадот Македонија.

„Среќни сме што конечно Скопски Маратон ја постигна својата цел да биде светски и да има учесници од сите континенти, поточно од 36 земји. Очекуваме вистински спортски настан кој го градиме како спортски македонски бренд. Ги покануваме сите љубители на спортот да го проследат и да ги бодрат натпреварувачите кои ги имаме во голем број од сите генерации. ” вели Кире Синадиновски, директор на Скопски Маратон.

Како и секоја година, ќе се трча на четири трки, како главни се издвојуваат Маратонот со 200 атлетичари кои ќе се натпреваруваат на 42.195 метри и Полумаратонот со 600 учесници на 21.097 метри. На Хуманитарна трка се пријавени 3500 рекреативци кои ќе трчаат на 5.000 метри и на Колгејт Скопски Мини Маратон во кој ќе трчаат 600 деца.
„Имаме пријавено голем број на учесници од Словенија, Србија, Полска, Америка. Ќе имаме учество на голем број на компании од кои вработените ќе трчаат во тим билдинг трката, како и и рекреативци од повеќе групи формирани преку социјалните мрежи. Очекуваме поддршка од познати еминентни и естрадни личности на Маратонот и со тоа да покажат дека е важен здравиот начин на живот. Една од поатрактивните учеснички е и манекенката Катерина Ивановска, која пред еден месец учествуваше на Њујоршкиот полумаратон” додаде Синадиновски.

Мерењето на времето ќе биде со чипови, секој што ќе ја заврши маратонската или полумаратонската трка на целта ќе добие медал. Наградниот фонд вкупно изнесува 10.500 евра. За македонските натпреварувачи во маратонската трка е обезбеден посебен награден фонд и новиот партнер авиокомпанијата Виз Аир ќе ги награди најдобрите македонци во маратонската и полумаратонската трка со авио билети до посакуваните европски дестинации. Оваа година конкуренцијата на елитни натпреварувачи е поголема, со што се очекуваат и нови рекорди на патеката.

Во организцијата ќе бидат вклучени 400 волонтери, сите јавни претпријатија од Град Скопје, како и 200 припадници на сообраќајната полиција.
За сите кои ќе останат пред малите екрани за прв пат МТВ ќе врши директен пренос.
Подигањето на стартните пакети ќе биде од 9 до 11 мај од двокатен панорамски автобус на ЈСП на плоштад Македонија. ЈСП за сите учесници на маратонот кои ќе имаат стартен број на себе ќе им овозможи бесплатен превоз на 12 мај.
Информација за граѓаните дека во периодот од 8 до 14 часот низ скопските улици ќе има посебен сообраќаен режим.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија