Димитри Волошин со истрчани 50 километри на -60°C

Молдавиецот Димитри Волошин оваа зима во еден од најстудените краишта на светот успеа да истрча рекордни 50 километри на екстремно ниски температури. 

На екстремната трка или подобро кажано експеримент кој се одржа во регионот Оимјакон во крајните сибирски делови на Саха – Јакутиа, овој викенд на 14 јануари Молдавиецот Димитри Волошин успеа да истрча рекордни 50 километри на просечна температура од од -60°C. Според метеоролозите, температурата заедно со т.н. wind chill фактор достигнувала до -67°C.

Димитри ги истрча 50-те километри за 6 часа и стана првиот човек кој успеал да истрча толку долга дистанца на екстремно ниски температури. 

На 5 јануари, во селото Оимјакон се одржа првиот атлетски интернационален настан во екстремни услови со пет трки на дистанци од 5 до 42 километри. За време на трката никој не успеа да ја мине маратонската делница на просечните -48 °C. Единствено аматерот Илија Пестерев испеа да дојде до 38-от километар за 3 часа и 53 минути. 

Ова не е прв сличен подвиг на Молдавиецот. Во април 2018 тој учествуваше на маратон на Северниот Пол каде заврши втор со време од 5 часа и 3 минути. Досега тој има учествувано и на Маратон де Сабл во Сахара, има завршено Ајронмен, го има препливано Гибралтар а и нурка без дополнителен кислород каде најдобро време под вода му изнесува 6 минути и 30 секунди. 

Интересно е тоа што Димитри подвизите ги прави за да покрене свесност и да собере хуманитарни средства за лекување на деца со церебрална парализа, а главната цел на неговиот проект Unfrozen е помагањето на 4-годишната Ева Писменјук 

„Ова беше најтешкиот тест во мојата спортска кариера. Тоа е како да трчаш во вселената, студот е екстремен, а воздухот тешко се дише. Ниедна опрема не може да те спаси од мразот. Беше многу тешко да се дише, многу малку кислород се добива при дишењето, а маската скоро целосно замрзнува. Нуркањето без кислород дефинитивно ми помогна во овој подвиг.” – изјави Димитри кратко по трката. 

Во селото Оимјакон кое се наоѓа во овој регион се измерени рекордни -72 Целзиусови степени, а просекот во зимските периоди е под -50. Минатата зима на 11 февруари Симоне Моро и Тамара Лунгер го направија првото зимско искачување на врвот Победа кој се наоѓа во овој регион. Единствено место каде е измерена пониска температура на планетата е Антарктикот.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија