Barefoot running- корисно или не?

Авоторот на книгата „Born to run” Кристофер Мек Дугал, веројатно и не бил докрај свесен каква бура од различни реакции ќе предизвика ова негово дело. Тој во својата книга, анализирајќи го мексиканското племе Тарахумара, го претставува човекот како апсолутно доминантен вид на земјината топка кога е во прашање трчањето. Ова мистично и асоцијално племе, во светски рамки е познато по тоа што без никаков проблем трча дистанци од по педесет и повеќе километри дневно без никакви посебни подготовки, храна и по тоа што трчаат боси.

Постои сериозна бројка на луѓе во светот кои го сметаат ваквото трчање без обувки (barefoot running) како единственото правилно трчање кое без претходен тренинг ќе ви помогне да постигнете солидна форма и да избегнете повреди заради лошиот избор на патики за трчање.

Она што мораме веднаш да го напоменеме е дека не постои подобар начин за зајакнување на мускулите на стопалото (со развивање на проприоцептивни способности) од трчањето со боси нозе. Секојдневното трчање со обувки може да влијае негативно врз мускулите на стапалото и тие со тек на време да станат подложни на повреди и да атрофираат.

Најголемиот проблем со ваквото трчање е тоа што тоа тешко се вклопува во секојдневниот образец на тренинзи. Зошто? Се разбира заради подлогата. Мнозинството од луѓе кои го практикуваат овој спорт тренираат на асфалт, бетон, покретна трака или макадам. За нив ваквото трчање во најмала рака може да биде болно, а во крајна линија може да предизвика сериозни повреди.

Што предлага науката?

Трчањето без обувки треба да биде дел од тркачкиот тренинг, но не повеќе од два пати неделно и не повеќе од 100 метри во серија и 400 метри вкупно (за почеток). Ваквиот начин на тренинг ќе делува како позитивен шок на вашето стапало и ќе го натера да ги користи мускулите на поинаков начин.

Оваа атипичност во тренажниот процес овозможува движењата со и без обувки да се помешаат и со тоа да спречат идни повреди кај лицата со пронација, но и генерално. Затоа одберете мека трева, земја или песок и протрчајте десетина минути со боси нозе. Нека ваквото трчање ви биде промена во шаблонот и активен одмор. Чувството на слобода и среќа се екстра.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија