Постењето го регенерира имуниот систем

Постењето може да биде тригер фактор за регенерација на имуниот систем, покажуваат истражувањата. Доволна причина да заборавиме на религија и да фатиме по малку и од Рамазанскиот и од Велигденскиот пост без оглед на верските убедувања.

Иако во нутриционистичките кругови диетите со постење се секогаш лоша идеја, новите истражувања покажуваат дека постот, макар и само тридневен, всушност може да доведе до неверојатна обнова на имуниот систем.

Истражувањето е спроведено од тимот на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Испитаниците постеле во период од 2 до 4 денови, а ваквите циклуси ги повторувале во времетраење од 6 месеци. Она што најмногу им паднало во очи на научниците е покачувањето на белите крвни зрнца кај испитаниците.

Кога телото гладува, почнува да троши од резервните складишта – масното ткиво и глукоза, но исто така се откочуваат и низа процеси на рециклирање на старите имуни клетки. Додека трае постот всушност доаѓа до намалување на клетките на имуниот систем, но кога исхраната ќе продолжи со нормален интензитет, организмот засилено синтетизира нови имуни клетки и нивниот број се покачува. На тој начин настанува обнова на целиот имун систем.

 

Овој ефект од постењето би бил особено полезен кај постари лица каде постои инволуција на имуниот систем како составен дел од процесот на стареење, но и кај лица со малигни заболувања на хемотерапија.

“Додека хемотерапијата спасува животи, претставува и огромна колатерална штета за имуниот систем. Резултатите од ова испитување сугерираат дека преку постење може да се намалат некои од штетните ефекти на хемотерапијата.” – велат од тимот на Универзитетот во Јужна Калифорнија.

Иако резултатот е ветувачки, сепак останува да се спроведат уште низа испитувања за постењето да добие имуностимулирачка заслуга.

Извор

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија