Интервју со Влатко Колев тренер на младинците на ФК Металург

Освојувањето на двојната круна со младинците на ФК Металург оваа година е доволна причина да поразговараме со Влатко Колев кој добро е познат на фудбалската јавност во Македонија како играч и тренер на успешни млади генерации на фудбалери. Неговите пријатели често му дофрлуваат дека е македонскиот Чезаре Прандели, но тој само слатко се смешка. 

Шампионски Тренер на три младински генерации со три младински клубови во Македонија. ФК Вардар, ФК Работнички и последната со ФК Металург, големо искуство за тебе. Кажи ни нешто повеќе за тоа како дојде до овој макотрпен троен триумф.

Специфично е да се работи во млади категории, во секоја категорија е различно. За мене тоа претставуваше и предизвик и желба да обидам да постигнам максимум. Нималку не е лесно да поставиш стратегија и да дојдеш до посакуваното. На пример, младинциите немаат ист тренажен процес како пионерите, така да тука е и дел од спецификата, да знаеш да се адаптираш. Можеби ќе имаш екстра услови и тренинзи но доколку не одговараат на можностите на возраста и пристапот е несоодвете тогаш не стигаат резултатите. Затоа сум горд на моите успеси каде со различни категории бев прв. Најбитно во целиот процес е секое дете да може да се донесе до првиот тим а притоа да не се испуштат битни фази во неговиот развој кои во сениорските тимови тешко можат да се поправат.

Играчка кариера преку ФК Вардар, ФК Силекс, ФК Македонија .Ѓ.П. и љубовта кон фудбалот, тогаш и сега.

Јас сум дете на Вадрар, тамо ја започнав играчката и тренерската кариера, со Силекс освоив дупла круна како играч а со металург дупла круна како тренер. Сум настапувал уште и за Македонија Ѓ.П.  моќен тим во тоа време. Го живеам и го сакам фудбалот.

Тренинзите и методиката во периодот кога јас играв мутираа постојано и денес ништо не е како порано, фудбалот оди напред со забрзано темпо, новитетите се нешто што треба да се имплементира во тренажниот процес затоа што ако останеш на истото времето ќе те изеде.

Кога посериозно пристапи кон тренерската работа и како се усовршуваше и надоградуваше? 

Со завршување на играчката кариера знаев дека ќе продолжам да се занимавам со тренерска работа, фудбалот ми е во крвта. Во процесот на едукација стигнав до нивото УЕФА Про лиценца но не застанувам тука, сакам на било каков начин да го надоградува своето знаење. Секоја година кога сум слободен посетувам клуб од поголем ранг каде можеш да научиш нешто ново. Досега сум бил во Партизан во времето на Тумбакович, во ПАОК во времето на Сантос, еминентен португалски тренер. Денес со технологијата нас тренерите ни се достапни секавкви информации, тренинзи, но се е џабе ако не се знае целта на тоа што се аплицира во тренажниот процес. А тоа не го пишува во компјутер, за тоа треба да имаш осет.

Кој се твоите досегашни тренерски искуства и која е твојата позиција во ФК. Металург?

Во моментот сум шеф на младинците и јас ја правам споната со првиот тим и главна задача имам во регрутирањето на млади играчи кои ќе пристапат кон сениори.

Потенцијал на младинскиот фудбал кај нас.

Има талент дефинитивно, меѓутоа неможе секој да игра фудбал, селекцијата е примарна според мое мислење. На 18 години да му соопштиш на дете дека не е за професионален фудбал е тежок и емоционален удар а тоа не е добро од социјален аспект. 

Kаде се гледаш себеси во иднина?

Јас сум професионалец, и гледам да постигнам што повеќе во младинскиот фудбал, младинските категории ми се слабост, тука се наоѓам себеси. Многу од децата кој сум ги тренирал денес се лидери во многу клубови кај нас и во странство. Тоа ми е најголема сатисфакција и горд сум на тоа. Битно е да си спремен за предизвиците и да си храбар и решителен за ништо да не те изненади. Битно е знаењето, тоа никој не може да ти го земе.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија