Пролетни крстосници на Скопска Црна Гора

Во одлична организација од страна на ПСК “Скопска Црна Гора” оваа година се одржаа вторите планинарските крстосници по истоимената планина каде се вкрстија шест различни групи луѓе, секоја следејќи го својот репер за убаво минување на еден ден во планина. 

Она што човек можеше да го избере како рекреација и спортување овие планинарски крстосници на преубавата пролетна Скопска Црна Гора беше поделено во шест секции. Имаше спортско планинарски поход од некои 20 и нешто километри од селото Љубанци преку Црн Камен до селото Побожје, рекреативен планинарски поход со помала должина од 8 километри од селотот Побожје до селото Бродец, планински велосипедизам до врвот, планински мотокрос, алпинизам на врвот Црн Камен и параглајдеризам во неговата околина. 

Организацијата беше на ниво, посетеноста исто така беше одлична, а нашиот тим ја посети спортско планинарската рута водена од чичко Спиро која што беше убав начин да се изужива во природата и убавините на оваа планина. Некаде под врвот, во колибата на чичко Спиро имавме можност да се вкрстиме со дел од останатите групи на чајче, а подолу во селото Бродец беше организиран ручек со вкусно гравче, ладно пиво и одлична музика. 

Во целост, одличен начин како да се помине цел еден ден во природа со соодветно спортување и рекреирање и нормално, сето тоа пропратено со максимална доза на уживање.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија