Велосипедскиот шлем што ќе прегори во Скопје

На шлемов му ставиле ЕЕГ сензори кои имаат за задача да ги следат мозочните активности додека педлате, а за нив, поврзано е сијаличе кое ви кажува дали воопшто сте во зен-мод, или рутата по која возите е пеколно стресна. Во принцип супер работа поради резултатите кои може да се добијат, а во Скопје може слободно да ја пратат на техничко тестирање на диодите и сензорите.

Шлемот, односно фузијата на стандарден велосипедски шлем и електроенцефалограм е дело на двајца експерти за визуелизација на информации и склопката се вика MindRider, а задачата е да се испостави дали велосипедистот е во смирена состојба додека вози или пак се наоѓа во ситуација на голем стрес и паника, или во нешто помеѓу овие две.

Во зависност од состојбата, индикаторот поставен над вашето десно око свети зелено за кул и опуштена состојба, жолто за малку напната и црвено кога сме доста нервозни и под стрес. Кога трепка црвеното светло, си знаете, дупла двојка поминува покрај вас, а вие сте на десна лента од коловозот бидејќи велосипедската е паркинг. 

Нејсе, информациите потоа се префрлаат преку ГПС до компјутер кој потоа ги мапира рутите кои сте ги возеле и менталната состојбата во која сте биле возејќи ја таа рута. Многу корисно бидејќи со поголема анализа која ќе опфати повеќе мозоци, може да се поштедат нервите на велосипедистите на долг рок. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија