Трчај и ти за охридската јагула

Пред околу еден месец, двајца наши вљубеници во трчањето започнаа еден проект кој за цел има да се подигне свеста како на локално, така и на глобално ниво за веќе одамна загрозениот вид на охридската јагула. Проектот „Патот до Саргасово море“ трча одлично, а во него веќе се имаат вклучено уште неколку нови поддржувачи. Доколку сакаш, можеш и ти!

Проблемот со охридската јагула е присутен веќе долги години. Уште со градењето на првите хидроцентрали на реката Црн Дрим во нашата држава и во соседна република Албанија едноставно се стопираше природната миграција на овој вид од Саргасовото море близу Бермудските острови до нашето Охридско Езеро, а со тоа се стопираше и многу повеќе од само еден параграф во учебниците по биологија. 

Денес охридската јагула како вид скоро и да не постои, но шанси за да се врати природниот пат на миграција и целиот живот на оваа риба постои. Токму од оваа причина двајца македонски активисти, Тања Вељановска Савеска и Кире Наунчевски го започнаа проектот „Патот до Саргасово море“ за подигнување на свеста за овој проблем и за негово евентуално решавање. 

Проектот е веќе во тек еден месец, а секој љубител на трчањето може да се приклучи како член или како поддржувач. Членовите ја имаат истата цел како и основателите на проектот, да се истрчаат 7,400 километри (приближно должината на патот што го минува јагулата) до 17.01.2016 година, а поддржувачите 2,557 километри (што претставува замислената копнена релација од проектот, од Охрид до Лисабон). 

Сè што треба да направите е да изразите желба, да приложите фотографија и сите ваши тркачки напори да ги следите преку некоја апликација за фитнес активност (runkeeper, strava, endomondo, итн.).

ДА Ѝ ОВОЗМОЖИМЕ НА ЈАГУЛАТА ДА СИ ГО ВРАТИ ПРИРОДНИОТ ПАТ НА МИГРАЦИЈА!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија