Патот до Саргасово Море

Исто како што некогаш oхридската јагула пливала од Охрид до Бермуда за најважната работа на еволуцијата – размножувањето, двајца наши Македонски вљубеници во трчањето ќе се обидат да истрчаат приближно толку километри (7400) за подигнување на свеста за овој вид кој веќе и да не постои во нашето езеро пред сè поради присуството на неколкуте брани за хидроелектрична енергија на реката Црн Дрим..

Тања Вељановска, наша атлетичарка која своевремено го постави женскиот државен рекорд во маратон и Кире Наунчевски, човекот кој цел живот е во атлетиката и трчањето се луѓето кои го покренуваат проектот „Патот до Саргасово Море“ со што сакаат да фрлат акцент на проблемот со охридската јагула кој постои веќе долги години.  

Мистериозниот начин на кој што охридската јагула од нејзиното зачнување патува огромни дистанци од Саргасовото Mоре во Бермуда преку целиот Атлантски Oкеан, Гибралтар, Средоземното, Јонското и Јадранското Море и преку Црн Дрим за да заврши во Охридското Езеро и ден денес претставува загатка за голем број биолози на ова поле. 

По достигнување на полна зрелост (околу 10 до 15 години живот во Охридското Езеро) јагулата го повторува патувањето наназад за да го продолжи видот на истата локација на кој што се родила, после што набргу умира. 

Проблемот кој веќе неколку декади буквално ја зачепи оваа природна миграција на овој вид се вкупно шестте хидроелектрични брани на реката Црн Дрим кои се изградија во период од 1960тите години па до сега (две во Македонија и четири во Албанија) со што целосно се наруши природната рамнотежа на видот. 

Охридската јагула денеска како вид скоро и да не постои (онаа што се наоѓа сега во Охридското се всушност други подвидови на Европската јагула кои се носат на одреден период), но постојат многу мали но светли шанси да се врати природниот циклус на природата со што би се изградиле систем на водни лифтови/канали на самите брани кои би овозможиле јагулата повторно да завирее во нашите води.

Вакви системи во понапредните западно-европски држави се веќе долги години присутни и поради тоа европската јагула во тие региони нема никаков проблем со својот опстанок.

Во проектот „Патот до Саргасово Море“ Тања и Кире ќе се обидат во рок од година и четири месеци да истрчаат исто толку километри колку што јагулата минува од своето место на раѓање до своето живеалиште.

Земени се приближно 7,400 километри (дистанцата од Охрид до Хамилтон) кои дуото ќе треба да ги помине за една година и четири месеци, со старт на Охридскиот маратон наредната недела на 08.09.2014 и финиш со Маратонот во Хамилтон, Бермуда на 17.01.2016 година со што се симболизира патот на јагулата.

Во оваа километража тимот ќе ги внесе сите нивни тренинзи и маратонски настапи, а приближната калкулација е дека во просек тие ќе треба да трчаат 18 дена од секој месец со по 26 километри на ден. 

За заокружување на симболиката со јагулата, проектот ќе ги следи маратоните кои се на патот од Охрид до Хамилтон, Бермуда, т.е. Скопски, Плитвички, Римски, маратонот во Валенсија, во Лисабон за да заврши со маратонот на Бермуда.

Следете го напредокот на проектот на ФБ страната и на блогот, поддржете ја каузата и покренете ја свеста за охридската јагула!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија