За колку време излегувате од форма?

Без разлика дали рекреативно се бавите со некој спорт или можеби посериозно вложувате во тренирање на вашите капацитети сите сме ја почуствувале јанѕата која нè јаде откако ќе почнеме да забушаваме со вежбањето подолг период.

Со седење и мрзеливост секој може да ја изгуби формата која ја има достигнато, меѓутоа за тоа да се случи потребен е подолг период, не се секирајте. Активните луѓе кои на редовно ниво практикуваат некаков спорт со текот на неделите се здобиваат со бројни полезности по нивниот организам. Телото полека се трансформира на подобро, започнува да се зголемува кардиоваскуларниот капацитет, зајакнуваат мускулите и коските особено ако се вклучат вежби со тежина, а пријатното чувство е неизбежно.

Но, одржувањето на редовноста во текот на неделата (која патем е клучот на успехот) е честопати предизвик кај современиот човек, па сите знаеме да западнеме во (подолг) период кога сме намалиле или целосно престанале со редовните физички активности кои претходно сме ги практикувале. Прашањето е дали и со колкава стапка ја губите вашата фитнес форма?

Одговорот е доста варијабилен, а мислењето го дава Џо Цимерман, инструктор по кинезиологија при универзитетот во Мериленд. 

За рекреативците, оние кои вежбаат два до три пати во недела и не работат премногу напорно на нивните капацитети вообичаено е потребно две до четири недели неактивност за да се воочат драстични промени во кондицијата. Доколку пак сте посериозен спортист овие промени можете да ги почувствувате многу побргу. Без разлика на сè, губењето на формата се одразува преку неколку телесни фактори:

Кардиоваскуларен систем

VO2max т.е. максималниот аеробен капацитет (разговорно познат како општа кондиција) е способноста на телото за ефективно примање и искористување на кислородот што го дишеме. Овој капацитет излегува од првобитната форма после 10 до 14 дена неактивност, а многу повеќе после две до четири недели главно поради намалување на срцевата работа и на биохемиските процеси во мускулите. 

Спотските активности го тренираат срцето за истото да може да се справи со зголемените потреби за кислород во телото. Кога ќе се престане со редовен тренинг, потребата за поголем дотур на крв се намалува и срцето полека ја губи формата. Ништо страшно, само треба повторно да се почне со вежбање.

Мускули и Тежина

Намалувањето на мускулната сила во принцип се одвива многу побавно отколку аеробниот капацитет. Потребни се повеќе од четири недели неактивност за да се забележат мерливи разлики во намалувањето на мускулната маса и пад во нивната функција. 

Значи, мускулите ќе почнат да се намалуваат, а екстра калориите ќе одат во вид на сало, нешто што никој не го посакува. Без гајле, и ова е реверзибилно, само треба да се испотите и да кренете некој тег. 

Едноставен начин како сево ова да го спречите, е да не ја прекинувате вашате неделна фитнес рутина. И уживајте…

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија