Баварски перечиња

Што ќе чекаме Oktoberfest кога можеме и по дома да се освежиме со тенка чаша добар пилс и вкусен баварски перек.

  • 1/2 коцка квасец или цела кесичка сув
  • 450 гр ‘ржено брашно и уште 50тина за набрашнување
  • 250 мл млака вода
  • 2 лажички шеќер
  • 2 големи лажици путер
  • 1/2 лажичка сол
  • прстофат прашок за пециво
  • 1 литар вода
  • 4 големи лажици сода бикарбона
  • крупна морска сол
  • чиа семе

Пoдготовка

1. Оваа е поздрава алтернатива на оригиналните баварски переци, ама исто толку се добри со пиво во жешкиве ноќи или со јогурт како утрински стартери.

2. Рецептот почнува како и секое друго пециво. Лажичка шеќер, квасецот и малку топла вода се замешуваат во помал сад за габичките од квасецот да се активираат.

3. По 15тина минути кога веќе квасецот евидентно ќе пени, се истура во големиот сад, каде претходно сме ги искомбинирале брашното, втората лажичка шеќер, солта и малку прашок за пециво.

4. Се додава вода и се измесува тесто. Во меѓувреме стопете го путерот и направете дупка во тестото, истурете малку од путерот, измесете и се така додека да го потрошите путерот.

5. Со рацете намастени од путерот поминете по површината на садот во кој тестото ќе се одмора и покријте го со чиста крпа додека да нарасне дупло.

6. Следува доза шлаканици. Со цела дланка удирајте го тестото (ако сакате замислувајте си некого) за да го извадите воздухот, а потоа поделете го на делови и формирајте перечиња. Освен перечиња можете да формирате и други форми, по ваш ќеиф.

7. Наредете ги така формирани перечињата на послужавник и оставете ги во фрижидер 45 минути, а за тоа време зовријте литар вода во длабок сад со сода бикарбона.

8. Кога ќе ги извадите переците од фрижидер, пуштајте ги во зовриената вода на околу 30 секунди, едно по едно за да не ви се лепат и наредете на намастеното тавче за печење.

9. Наросете морска сол и чиа и печете во загреана рерна на 200 степени околку 20 минути.

На здравје крцкави баварски перечиња.