Шесто првенство на Македонија во сквош

Во текот на изминатиот викенд, од 4-ти до 6-ти април 2014г., се одржа шестото првенство на Македонија во сквош. Првенството се играше најпрво во групна фаза а потоа по куп систем, сé до финална разврска за сите места, со вкупно 17 натпреварувачи.

И оваа година, шампион е Кирил Сотировски, член на сквош клубот Винус. Тој го одбрани насловот и ја продолжи доминацијата од претходните три првенства. Во финалето го победи со 3:0, колегата од сквош репрезентацијата, Стефан Шишовски. Третото место и бронзен медал освои Бранко Калеовски, победувајќи уште еден репрезентативец, Горан Панев, во еден од најдраматичните мечеви на првенството, со 3:2.

Живко Котевски го освои петтото место напредувајќи во однос на претходниот турнир. Иако со сеуште технички недотерана игра, тој на најдобар можен начин ја искористи својата одлична физичка спремност и направи неколку изненадувања во текот на првенството, победувајќи повисоко рангирани играчи. Михајло Ристески е шести, што е уште негов еден одличен пласман при врвот, во последнава година. Сепак, се чини дека тремата заради важноста на некои натпревари, како и неговото мало искуство во званични мечеви, негативно се одразија на неговата игра, и тој објективно не пружи колку што се очекуваше. Трагичар на првенството е искусниот Златко Крстевски, кој за време на мечевите за разврска се повреди и мораше да се задоволи со седмо место, иако по мечевите во група беше петорангиран. Тоа е мал пад во однос на неговите претходни резултати. За среќа, според првите сознанија не се работи за посериозна повреда, и се очекува Крстевски набргу повторно да тренира.

Финалето меѓу Сотировски и левучарот Шишовски, иако заврши со 3:0 за Сотировски, беше квалитетен и возбудлив меч со технички дотерана игра и многу тактички и стратешки надмудрувања од двајцата финалисти. Можеби одлучувачки беше првиот сет кој Сотировски го освои во продолжение, со 12:10, иако бранеше сет топка на противникот, а низ целиот сет немаше поголема предност од два поени за ниту еден од противниците. Веќе во вториот сет беше евидентен заморот на Шишовски, во голема мера и заради исцрпувачкиот полуфинален меч со Калеовски. Сотировски додатно наметна пресинг игра за секоја топка, и во неколку наврати од тотална дефанзива и изградени позиции на Шишовски се враќаше во поените и ги освојуваше. Тој сет го освои со 11:4, во само три серии од по неколку поени. Третиот сет беше повторно изедначен, но Сотировски беше во постојано водство кое успешно го одбрани до крај, победувајќи со 11:8. За време на целото финале беше очигледно дека Сотировски е максимално мотивиран, поучен од поразот од истиот противник во финалето на Зимскиот Скопје Опен турнир, од пред два месеци. Често пати менуваше темпо, и не инсистираше на бекхенд страната на Шишовски, а во голема мера користеше и поголем репертоар на серви. За утеха на Шишовски може да послужи фактот што тој му го одзема единствениот сет на првенството, во осумте победи на Сотировски. За Шишовски ова е сепак најголем успех на првенство или на куп натпреварување, бидејќи го надгради бронзениот медал од првенството во 2012г. Овој е одличен период за него, со освојување на силниот зимски отворен турнир и сребрениов медал на првенството. Со овој успех се искачи на второто место на ранг листата на сквош играчи на Македонија.

                           >ФОТО ГАЛЕРИЈА<

Можеби најдраматичен меч на првенството беше оној за третото место, меѓу Калеовски и Панев. Тие се стари познаници, и многу често во полуфинални мечеви или борби за медал ги решавале мечевите во максимални 5 сета. Така беше и овој пат, а надвладеа Калеовски во најизедначениот петти сет. Тој успеа да се одбрани од налетот на Панев, кој се врати на 7:7 по негатива од 5 поени, и победи со 11:8. Успехот е поголем

бидејќи Панев водеше со 2:1 во сетови, а Калеовски мораше да се справи и со заморот од полуфиналето со Шишовски. Панев ја пружи својата најдобра партија на првенството токму во овој меч, и беше истраен во својата тактика да не дозволи освојување на централниот простор од противникот. Тој со длабоки топки често го тераше Калеовски кон заднот зид, и се чини со право избегнуваше скратени топки, кои се инаку карактеристика на неговата игра, познавајќи ја стартноста и физичката спремност на противникот, но и поучен од поразот во групната фаза од Калеовски. Сепак, во одлучните моменти Калеовски истраја на тактиката на силни и широки серви, кои му донесоа прилично голем број брзи поени, и на бекхенд и на форхенд страната на примачот, а на тој начин освои и неколку одлучувачки поени.

Највозбудливиот меч, со изобилство драма и пресврти, беше полуфиналето меѓу Шишовски и Калеовски, кој заврши со победа на Шишовски од 3:1. Мечот беше многу поизедначен отколку што покажува резултатот во сетови, а за тоа говори фактот што три од нив се играа во продолженија и во сите од три противниците најизменично имаа сет топки. При резултат од 1:1 во сетови, Калеовски имаше водство од 10:6 и не искористи четири врзани сет топки. До крајот на тој сет тој спасуваше и три неврзани сет топки на противникот, а и самиот имаше уште две, за сетот сепак да го добие Шишовски со 15:13. И во четвртиот сет беше сличен, но овојпат Калеовски не искористи дури 5 врзани сет топки при 10:5, за да дојде до 2:2 во сетови. Шишовски и во тој сет се созема навреме, и со голема упорност и агилност, но и челични нерви, наметна своја игра и изнуди неколку грешки на противникот. Калеовски немаше соодветен одговор на ниските топки на Шишовски, само сантиметри над лимот, а прокоцка и неколку изгледни позиции преку боуст удари кои не беа доволно прецизни и го враќаа противникот во поените. Тој сет заврши со 13:11 за Шишовски, со што се избори за финале. За нивото на интензитетот на мечот говори податокот дека траеше нешто подолго од 35 минути, што за меч од четири сета, и на ова ниво на натпреварување е навистина импресивно. Како утеха на Калеовски може да му послужи победата над Шишовски во групната фаза, исто така со 3:1, во само нешто помалку драматичен меч. Со освоените ранкинг бодови на првенството, Калеовски ја зацврсти својата трета позиција на ранг листата на сквош играчи, бидејќи практично ги одбрани бодовите од минатогодишното првенство, повторувајќи го бронзениот медал.

>ФОТО ГАЛЕРИЈА<

Во другото полуфинале, Панев, како да однапред се предаде во мечот со Сотировски и се чини чуваше енергија за мечот за трето место, кој му беше и најдобриот меч по подолго време. Сотировски со рутинска игра не му дозволи на противникот воопшто да наметнува бркотница по теренот, и со константно прецизни удари, но без посебно голем ризик, ја контролираше средината на теренот и постојано го тераше Панев на удари од трк. Во тој меч дојде до израз целосниот репертоар на удари на Сотировски, почнувајќи од сервисите па преку боуст удари, сé до лобови и волеи, и со тоа максимално ги искористи слабите аспекти во играта на неговиот тренинг партнер. Панев по ова првенство губи ранкинг бодови за освоеното второ место од шампионатот во 2013г., и има пад од второ- на четврто-рангиран во Македонија. 

Мора да се потенцира дека сите натпреварувачи играа коректни и фер натпревари, со правилна примена на правилата на играта, достојно почитување на противникот, како и почитување на одлуките на судиите без поголеми приговори. И овојпат, беспрекорни организатори на првенствениот турнир беа клубот Винус, Сквош Центар и Сквош федерацијата на Македонија.

Во текот на првенството, се одржаа и мини турнири на јуниори и во женска конкуренција. На јуниорскиот турнир, во финалето Горјан Крстевски го победи Марко Марковиќ со 3:2.

Финале: Кирил Сотировски 3:0 Стефан Шишовски

Меч за трето место: Бранко Калеовски 3:2 Горан Панев

Полуфинални мечеви: Кирил Сотировски 3:0 Горан Панев / Стефан Шишовски 3:1 Бранко Калеовски

Пласман до 8 место

>ФОТО ГАЛЕРИЈА<