Големата хималајска трансверзала

Големата хималајска трансверзала претставува мрежа на воспоставени планинарски патеки кои заедно ја формираат најголемата планинарска рута во светот. Минувајќи под највисокиот планински венец, Хималаите, оваа линија проаѓа низ неверојатни предели и пејсажи, висорамнини, долини, превои и населени места на најтешко достапните делови од планетава. 

Големата трансверзала всушност е предвидено да ги поврзува сите планинарски патеки кои минуваат под Хималајскиот венец од Нанга Парбат во Пакистан на запад се` до Намче Барва во Тибет на исток. Со тоа трансверзалата низ своите 4500 километри би минувала низ Тибет, Бутан, цел Непал, Индија, Кашмир и Пакистан. Досега, поставени и разработени се секциите во Непал и Бутан, а за останаите држави потребни се дополнителни истражувања за нивно верифицирање и поставување. 

Во оваа статија малку повеќе ќе обрнеме внимание на веќе поставената и далеку прочуената хималајска трансверзала во Непал.

Непалската трансверзала претставува една од најдолгите планинарски патеки на светот која ја покрива целата должина на државата, од месноста Таплејунг на исток до Хумла на Запад и минува под Анапурна, Кангченгјунга, Еверест, Манаслу и многу други екстремно високи врвови. Таа е поделена на висока и ниска рута (high and low route).

Висока рута

Патеката е во должина од 1700 километри, минува низ спектакуларни и екстремно високи планински предели и ги посетува едни од најзаборавените селца на планетава каде што животот е иств веќе векови наназад. Просечната надморка на оваа рута се движи од 3000 до 5000 метри. 

Доколку сакате да ја изодите целата трансверзала по оваа рута, спремете просечно 5 месеци (150 дена). Таа е многу потешка од ниската рута и минува низ планински превои високи и до 6,146 метри. Поради природата на самата трансверзала потребно е оној што се нафаќа да има исклучително добра психо-физичка подготовка, а поради оддалеченоста, целата опрема и храна во најголемиот дел си ја носите сами (или ви ја носат, ако си платите).

Ниска рута

Оваа патека исто така се нарекува и културелна и минува низ многу пониски предели од земјата (со просечна надморска од 2000 метри). Сепак и тука има високи превои и до 4500 метри, особено во западниот дел од државата. 

Рутата воглавно ве носи низ убави шумски предели, пасишта, низ плодната земја на Непал каде што може да се види и доживее богатата култура и цивилизација. Во поголемиот дел од трансверзалата има можност за преспивање во мали угостителски објекти, но сепак потребна ви е основната камп опрема. 

Оваа рута е малку пократка и полесна од високата со 1500 километри во должина и со просек од 100 дена за комплетирање. 

И двете рути, висока и ниска дополнително се поделени на 10 секции (трекинг опции) за кои во просек се потребни 2-3 недели за исполнување, а воедно мрежата на патеки е така испреплетена што во било кое време можете да се симнете од високата на пониската или обратно, доколку сте за малку одмор или можеби поголема авантура. 

Ако мислите да се спремате барем за дел од ова тогаш задолжително да ја посетите и нашата Западна македонска трансверзала која претставува најтешката и најдолгата во Македонија.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија