Наслов

Деформитети на ‘рбетниот столб

'Рбетните деформитети не доведуваат само до естетски промени туку и до сериозни нарушувања на физичкото и психичкото здравје. Современите цивилизациски предизвици, бараат севкупна адаптација на антропометрискиот, моторичкиот и функционалниот развој.

Најголем процент (80%) од сите телесни деформитети се деформитетите на кичмениот столб. Секое отстапување од нормалната физиолошка закривеност на ‘рбетниот столб доведува најчесто до КИФОЗА, СКОЛИОЗА и ЛОРДОЗА. Сколиозата е искривување на ‘рбетот во страна, а кифозата кон напред и ретко се во една рамнина а најчесто тродимензионални-торзиони деформитети. Флексибилните деформитети (неструктурелни) се резултат на лошото телесно држење, различна должина на нозете, воспалителни процеси и се најчести во адолесценцијата, за разлика од нефлексибилните.

Деформитетите се стекнуваат најчесто во периодот на развојот и токму затоа нивната рана детекција е клучна за успешна корекција.

Периодот на исправањето на детето треба да биде спонтан и во согласност со зрелоста на скелтно мускулните ресурси, без помош на помагала и желби на родители. Детето требада седне и да се исправи на нозе кога тоа ќе одлучи. Ползењето ја зајакнува и стабилизира кичмата и е природна припрема за првите чекори.

Школскиот период е критичен бидејќи е исполнет со долготрајни статички и најчесто неправилни положби кои апсолутно не соодвествуваат со природата на развојот. Тешките торби, несоодветните училишни клупи и столчиња со ретки физички активности ја зајакнуваат критичноста на овој период. Правилната седечка положба, кога надлактицата кон подлактицата, трупот кон надколеницата и надколеницата со подколеницата се под 90 степени, а стопалото е со цела површина на подот е препорачана формула која треба секогаш да се форсира.

Школските торби се препорачува да бидат од типот ранец, поточно планинарски тип со појас одолу струкот. Неговата тежина не треба да биде поголема од 10-15 % од телесната тежина на ученикот. Препораките за минимизирање на потребите и навиките за користење на компјутери, видео игри и слично се сериозна задача на родителите и наставниците во образовниот систем.

Сите деформитети во школскиот период се назначуваат во бурниот период на пубертетот, а по завршетокот на растот (22-25 год) веќе никогаш не се исправаат. Внимателно треба да следи брзиот скелетен раст во однос на мускулниот. Конституционалната (наследната) физиолошка мускулна слабост е карактеристична кај деца во раст.

Недоволното внимание и грижа, несоодветна исхрана, лоши животни услови со недостаток на спортско рекреативни активности меѓу другото се главната причина за деформациите на кичмениот столб. Навиките за вежбање со употреба на едноставни и евтини помагала се одлична превентивна мерка за сите возрасти.

Сите истражувања и анализи се со заеднички став дека фондот на часови по физичко образование не е доволен за да се обезбеди правилен раст и развој, но комбинацијата од дополнителни вон школски спортски активности е сосема доволна превентивна мерка.

Навиките за вежбање со едноставни помагала не се врзуваат со гимнастички сали, фитнес центри и скапи и нејасни апарати. Сосема се доволни домашните простори, а се препорачуваат природни средини на отворено, плажи, базени, природни водени средини, односно секаде каде може да се направи оптимална доза на вежбички која секогаш гарантира добра телесна постура. Добрите професори по физичко образование, тренери, кинезитерапевти можат тимски да реализираат вакви тренажни процеси, но и да ве научат како лесно да се реализирате во семејна или пријателска средина.

Комплексен модел на специфични вежби со соодветни помагала во терапијата на веќе дефинирани деформитети на рбетот е сериозна задача на ортопедите, специјалисти по физикална медицина и кинезитерапевтите.

ФИЗИЧКИТЕ АКТИВНОСТИ СЕ ФИЗИОЛОШКА ПОТРЕБА.

СТАВОТ НА ВАШЕТО ТЕЛО, ВАШАТА ПОСТУРА Е ВАШ ИДЕНТИТЕТ, КАКО ВО СТОЕЊЕ, СЕДЕЊЕ ТАКА И ВО ДВИЖЕЊЕ. 

16 Февруари 2015

За авторот