Завршен Младинскиот Олимписки фестивал Албена 2017

Кошаркарската селекција “3х3” го освои првото место на Младинскиот Олимписки фестивал во Бугарија.

Македонскиот Олимписки комитет во соработка со Македонската кошаркарска федерација и Одбојкарската федерација на Македонија, овозможи учество на младинските селекции во кошарка (момчиња) и одбојка (момчиња и девојки) до 18 години, на Олимпискиот младински фестивал кој изминатите пет дена се одржуваше во Албена, Бугарија. 

Младинската олимписка екипа во состав Дамјан Ѓорѓиевски, Лука Стојановски, Благој Димитриев и Мартин Ѓорѓиев се натпреваруваше во конкуренцијата “3х3“ и го освои првото место со максимални пет победи од пет натпревари!

Првите три победи, македонската “3х3“ селекција ги оствари во групната фаза, против екипите Тарговиште, Варна и против Шумен (сите од Бугарија) и како првопласирана во групата обезбеди пласман во полуфиналето. Со убедливи 9:4 во полуфиналето македонската селекција славеше против бугарскиот состав Дунав. Во финалето, македонските кошаркари славеа со 10:3 против Шумен (Бугарија) освојувајќи го првото место на Младинскиот олимписки фестивал насловен „Олимписки надежи“.

Во исто време, младата женска одбојкарска екипа ја победи екипата на Варна со резултат 2:1, но загуби во следниот натпревар од Русе (Бугарија) со резултат 0:2. Во полуфиналето нашите млади одбојкарки беа поразени од националниот тим на Романија (0:2), а во борба за третото место беа поразени од вториот национален тим на Бугарија со резултат 1:2 (21:18,19:21,13:15).

Младата машка одбојкарска екипа ја победи екипата на Варна со резултат 2:0, но загуби во следниот натпревар од Русе (Бугарија) со резултат 1:2. Во полуфиналето нашите млади одбојкари беа поразени од националниот тим на Романија (0:2), а во борба за третото место беа поразени од националниот тим на Бугарија со резултат 0:2 

Честитки за нашите млади спортисти кои го пружија своето најдобро на овие Младински олимписки игри и сигурно дека истите претставуват светла иднина на македонскиот спорт.