Екологика

Наслов

Запали ја зимската свест

Како што времето станува студено така нашата потреба по топлина се зголемува. Радиатори, печки, греалки, дрва, сметки од топлификација, сето ова се враќа во етерот на нашето секојдневие. Но зимската свест не е за овие наши зимски придружници, туку за разбирањето на природните закони во зимските месеци.

Природата е во постојана потрага по баланс на температурните разлики. Топлината всушност значи вибрирање на атомите, колку поголема топлина имаат толку повеќе вибрираат, колку помала топлина толку помалку тие вибрираат.

Кога еден атом е потопол од другиот до него, самата природа сака да ги балансира разликите, па потоплиот атом пренесува вибрации кон поладниот, се додека не се изедначат во вибрирањето т.е. температурата.

Губење на телесна топлина

Атомите на човечкото тело со својата просечна температура од 37 степени, во зимските месеци се во постојана битка со околината сакајќи да ги балансираат разликите со поладните атоми во просторијата или надворешноста, па така често ги чувствуваме ефектите на тие битки, ни станува ладно, особено на рацете и нозете.

За среќа постојат материјали кои не така лесно ја прифаќаат оваа битка на природата и ни служат да го изолираме телото и просторијата во која сме од ладните атоми.

Нашата зимската свест знае дека топлината ни треба за нашето тело, не за просторијата во која сме. Има голема разлика во потребата од топлина доколку сме со куси ракави по дома или со топла облека на нас.

Од арсеналот во ормарот пронајдете ги парчињата зимска облека, особено оние направени од волна, фланелен, кадифе или поларките кои знаат квалитетно да не заштитат од губење на топлина без да се потиме во нив поради нивните абсорбирачки каратеристики.

Препорачаната домашна температура е од 20 до 23 степени, која споредена со надворешните ниски температури значи голема природна битка за изедначување на разликите.

Според тоа, зимската свест важи и за нашите домови.

Има голема разлика во потребата од топлина доколку прозорците, вратите, таванот, ѕидовите и подот немаат добри излоаторски карактеристики од оние кои се направени со квалитетни изолаторски материјали.

Прозори со двојно или тројно стакло и квалитетни рамки кои дихтуваат, комплетно дихтонски врати со квалитетна изолација, дебел изолаторски слој на таванот, ѕидови со изолаторска фасада, под со изолаторски слој, сите овие значат квалитетен зимски комфорт со многу помали потреби за греење.

Користењето на висока зимска свест може да значи скоро непостоечка грејна сезона, активирајте ја.

20 Ноември 2014

За авторот