Во насока на подобрување на резултатите на македонските спортисти МОК СО НОВА ОБУКА НА ТРЕНЕРИ – ВЕСЛАЊЕ

Македонскиот олимписки комитет во соработка и директна комуникација со Меѓународната веслачка федерација (ФИСА) и Веслачката федерација на Грција, за потребите на Веслачката федерација на Македонија обезбеди едукација и надградување на знаењето на македонските тренери (веслање).

Игор Скепаровски, Климент Наумов и Марјан Николовски во периодот 16-19 Ноември учествуват на Меѓународната конференција за тренери која се одржува во Олимпискиот центар Шиниас, Грција каде македонските тренери ќе ги надградат своите знаења во областа на теоријата на веслањето, но ќе имат и практична работа.

На оваа конференција главни предавачи ќе бидат едни од најдобрите светски експерти по биомеханика д-р Кони Драпер (Универзитет Сиднеј, Австралија) од ФИСА и тренерот Марк Емке (Холандија), кои ќе одржат предавања за биомеханиката на веслање-детекција на негативните движења во велањето, корекција и одстранување на истите. Д-р Андреас Калогеропулос ќе одржи предавање за спречување на повреди во веслањето, а д-р Стаматис Муртакос ќе зборува за тренажниот процес, поврзаноста помеѓу мотивацијата и стресот, рехидратација, правилна исхрана на спортисти и суплементација, како и многу други теми.

На крајот од конференцијата, ќе биде одржано и тестирање на тренерите, кое ќе го води ФИСА Директорот за тренери, Џани Постиљоне.