Екологика

Наслов

Урбаната вертикална шума

Две кули во Милано, дизајнирани да одговорат на проблемите со кои се соочуваат градовите со загаден воздух, се пример како бетонските џунгли можат да бидат претворени во вистинска шума.

Две кули, многу шума, чист воздух, микро клима. Е сега, сето тоа, склопи го во едно.

Така некако би го опишале проектот на Стефано Боери, наречен Боско Вертикале, кој претставува две апартмански кули со сопствена микро клима создадена од околу 900 дрвја, 5000 грмушки и 11000 растенија.

Кулите се први вакви во светот и се изградени во центарот на Милано, Италија, каде воздухот е еден од позагадените на планетава.

Тие ќе служат како прочистувачи на градскиот воздух, ќе ги абсорбираат стакленечките СО2 гасови, ќе влијаат во намалување на градската бучава, а воедно и ќе овозможат помало користење на енергија за станарите низ различните годишни времиња.

Иако изгледа дека сметките на станарите би биле повисоки поради потребата за одржување на зеленилото, секој екосистем на кулите си ја користи природната сончева светлина и водата од повремените дождови, додека сметките за енергија во апартманите се многу помали поради природната микро клима која се создава од самата шума.

Науката, математиката и генијалната креативност го туркаат човештвото кон нова еволуција, овојпат во вид на урбана вертикална шума благодарение на тимот Стефано Боери Архитетти.

Следно од овие архитектни чудотворци е проектот наречен Биомилано, со кој сакаат да ја ревитализираат биолошката површина низ целиот Милано, или со други зборови нешто вака како кулите, само низ цел Милано.

17 Октомври 2014

За авторот