Известување

Се одржа изборното собрание на Едриличарската федерација на Македонија

Изминатиов викенд во Охрид се одржа долго најавуваното изборно собрание на Едриличарската федерација на Македонија.

Од делегатите на клубовите беше избрано ново раководство и нов извршен одбор составен од членови од активните едриличарските клубови, ЕК Снегар И Сирма од Струга, потоа едриличарските клубови Бофор и Пират – Охрид, и Пеликан и Развигор 103 од Скопје. За нов претседател едногласно беше избран Зоран Митрески од ЕК Развигор 103, и за нов секретар Тони Димитров од истиот клуб.

Да се биде предводник на национална спортска федерација во Македонија, во ова современо општество, за мене претставува особена чест, но и одговорност кон потенцијалот што го нуди езерскиот природен амбиент на оваа територија, и потенцијалот на нашата спортска нација – изјави новиот претседател Зоран Митрески.
Со изборот на новиот тим од претежно млади талентирани едриличари и искусни организатори на спортски настани и програми, се отвори можност за ребрендирање и подигнување на стандардите на овој спорт и кај нас.

Целта е овозможување на потребна инфраструктура, подновување на постоечките тренинг центри и клубови и создавање на нови капацитети, професионален однос кон клубовите и едриличарите, и препознавање нови таленти. Едрењето е еден од најетаблираните и постарите Олимписки спортови, што значи претстои и создавање на тренерска Олимписка платформа во Македонија во координација со државните спортски институции, АМС и МОК и светската федерација ISAF, за пласман на наши професионални едриличари на Олимписките игри. Поволниот ветер во случајов е взаемната тимска работа.