Нашето патешествие за убави и хумани нешта

На 24 јули, Весна и Јас тргнавме на 1200 км долга велосипедска тура, од Загреб до Прилеп низ бившите Ју простори како би покренале донации за пијано во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка” во Прилеп.

Идејата дојде сосема случајно, заедно со љубовта кон патувањата и желбата за предизвици. А зошто баш со велосипед е тоа е друга приказна. Весна и јас никогаш не сме се прошетале низ Балканот па зошто да не.

Сакав да направам нешто што не е баш во мојата комфорна зона, нешто за што никогаш не бев сигурна како ќе биде и што да очекувам, и дали воопшто можам да го остварам. Размислував подолго време, ги споделував моите идеи со пријателите, кои секогаш ме охрабруваа и ми викаа дека тоа е одлична идеја, да видиш и да запознаеш нови луѓе и места на велосиепед.

Мајка ми и татко ми беа малку загризени затоа што првичните разговори беа дека ова патување ќе го правам сама, ама фала богу Весна влета во реализацијата и сум среќна што ми се придружи и што овој подвиг го направивме заедно. Весна беше прекрасен сооучесник, забавна и весела, секогаш го дополнуваше чуството на уживање освен кога имаше угорнини, а ги имаше во изобилство.

Јас работам со деца и секогаш сум голем поборник за влозување во образованието и унапредување на условите за талентирани деца. Пијаното дојде онака случајно во разговор со директорот на училиштето.

Јас се надевам дека парите што ги собравме, досега 1800 фунти (а донациите се се` уште отворени за оние кои би сакале да помогнат) ќе бидат голем придонес во остварувањето на целта да се купи концертно пијано или да се искористат за други музички интрументи.

 

На запад се одржуваат многу вакви манифестации, трчање, возење, одење и што ли уште не, каде голем број на организации собираат пари за да се донираат. Претежно за болни луѓе/деца или за некои истражувања. Ние двете сме поборници за здрави луѓе и деца и сакавме да вложиме во нешто што е наша иднина и гордост, а тоа се младите таленти. Весна како родител на две деца, Филип и Лео тоа најдобро го знае, а јас како учител комплетно сум поборник за унапредување на сите можни услови за децата.

Поминавме околу 1100 км активно возење, од Скадар до Елбасан зедовме автобус затоа што Весна беше многу болна. Но покрај тоа мора да признам дека целата рута и угорниците ги совладувавме на беспрекорен начин и никогаш не се откажавме од зацртаната цел.

Патувањето беше беспрекорно, да не ги спомнувам неколкуте кучиња што не’ бркаа и што уште малку не доживеавме срцев удар, во еден момент кога мораше да употребиме и спреј за да се ослободиме од големите овчарски кучиња.

Мора да признам Весна беше најбрза кога во прашање беше делница каде имаше кучиња

Првите 5 дена дождот ни беше сопатник, така да и водоотпорните алишта станаа неводоотпрони. Што се вика небото се отвораше. Сретнавме прекрасни луѓе и сите ни рекоа „ПА ВИ СТЕ ЛУДИ!!”

Еве некои од авантурите што ги доживеавме:

Ако се смета авантура паѓање на гром пред нас, спиење во кафуле на столица, кампување во двор на црквата, ставање пластични кеси за да не ни се изводената чорапите, поминување низ град кој има повеќе кучиња од луѓе.

 

Босна ни остави најголем впечаток, топли луѓе, гостопримливи и весели. Желни за поздрав и убаво кафе. Црна гора ни остави впечаток на гужва, преполни плажи, туристи еден куп, никој за никого не се интересира, Котор и которскиот залив убаво мирно и беспрекорно место, едноставно да ти даде мир на душата и чувство на спокој.

Омилено место ни беше Албанија и Скадар. За жал Весна беше многу болна така да не можеше комплетно да ужива во доблестите што ги нуди овој град и прекрасните домаќини во хостелот „Mi casa es tu casa”. Храната во Aлбанија беше човек да си излиже прсти, прекрасна боза и баклава.

Запознавме прекрасни луѓе, други авантуристи и домаќини низ државите низ кои поминавме. Ако има нешто да можеме да промениме од ова патување тоа не би било возможно, затоа што уживавме во секој миг, во секој потрошен атом по патиштата на бивша Југославија, се воодушевувавме од убавините на секоја држава, се сочувствувавме со животите на секоја култура. Им се радувавме на сите насмевки споделени со нас од луѓе што никогаш не не’ виделе И што можеби никогаш нема ни да не видат.

 

Весна Јосифоска
Александра Гаралоска