OSTEOCHONDROMA (EXOSTOSIS OSTEOCARTILAGINEA)
Остеохондром – Коскени егзостози – дипл. физ. Sci Денис Арсовски
Osteochondroma претставува коскен израсток прекриен со рскавична капа која настанува на површината на коската. Коскената срж на остеохондромот е во континуитет со коскената срж на домаќинот.
Претставува најчест бенигнен тумор на коските. Може да биде солитарен и мултиплен (како метафизна аклазија). Солитарниот остеохондром сочинува 50% од сите бенигни тумори на коските, односно 10-15% од сите тумори на коските. Најчесто настанува кај коските кои настануваат по пат на ендохондрална осификација.
Во регијата на коленото најчесто настанува во дисталната метафиза на фемурот и проксималната метафиза на тибијата. Многу ретко ги зафаќа пршлените, ребрата и фалангите на прстите.
Односот помеѓу машки и женски е 2:1. Клиничките симптоми зависат од локализацијата, но најчесто е асимптоматски. Може да се појави болка, оток, невролошки испади.
Симптоматските лезии најчесто се откриваат пред 30тата година. Рентгенски и макроскопски карактеристики на туморот:
– Туморот е врзан за коската како со петелка или во широка база;
– Расте секогаш во спротивен правец од соседниот зглоб.
Рентгенски: јасно ограничен израсток изграден од коскено ткиво и прекриен на површината со рскавична капа.
Рскавичната капа кај младите во фазата на растот е широка, а кај старите е потенка. Хондроцитите во рскавичната капа се организирани во редови и имаат ендохондрална осификација со зоните на минерализација (нема целуларен плеоморфизам на хондроцитите, ниту митози).
Прогнозата е добра, по адекватно хируршко отстранување на туморот не доаѓа до рецидиви. Задебелувањето и ирегуларноста на рскавичната капа може да биде знак за малигна алтерација.
Малигната алтерација на рскавичниот дел на туморот (хондросарком) настанува само во 1% од случаите кај солитарниот остеохондром.