Среда, 27 Јули 2011

Мојата прва експедиција – Ден 10 (Екс ен Прованс-Ле Лук 82 км)

Утрото нè разбуди дождот. Зарем повторно? Ова е втор пат да бидеме разбудени од дожд и втор пат да губиме време за возење заради дождот. Но, тоа е тоа. Не смееме да се жалиме. Зарем дождот ќе ми го расипе распложението?

Претходни страници од книгата: Ден 9


Собравме сè што имавме и тргнавме да бараме место каде што ќе можеме да се сокриеме. Не сакам сè да ми се направи утоп. Прво се сокривме под едно дрво надевајќи се дека дождот нема да се засили. Марко се качи на патот да побара подобро место за криење. Нашол место во трговскиот центар преку улица и дојде да ни каже. Ама Јово не сакаше да оди. Од под дрвото се префрливме под едни лизгалки. Нешто како детско игралиште. Не сакав да го оставам Јово сам. Ама почна многу силно да врне. Го гледам Јово се свиткал на песокот и спие. Јас си пуштив музика и си стојам така. Си мислам нешто. Хит ми беше Хотел Калифорнија од Иглс. Тоа е многу убава песна. Мислам, многу убаво кажува какви биле условите во хотелот.

https://youtu.be/lrfhf1Gv4Tw

Нас не ни беше така, ама јас сепак си ја пеев песната. Мене секаде ми беше хотел Калифорнија. Дувало, врнело, било ладно или некој камен те боде во грб додека спиеш, јас постојано си ја пеев таа песна. По некое време дождот се посмири и побрзавме да стигнеме до трговскиот каде што веќе беа Гоце и Марко, суви нормално. Тоа беше трговски центар на приземје. Ништо посебно. Имаше една пекара и со Марко одевме да се лепиме на стаклото и да ни течат лиги гледајќи ги крофните внатре. Имаше една интересна продавница за рачно направени сувенири. Посетвиме и една оптика. Имаше многу интересни наочари, за кои Марко беше посебно заинтересиран. Таму имаше и оние „Транзишнс” леќи, што се затемнуваат на светлина. Дечкото беше толку добар што ни направи демонстрациија како функционираат. Тој беше толку добар што ми го наполни телефонот додека чекавме. Како благодарност, си купив ластик за наочарите.

Дождот никако да преврне. Воздухот беше влажен и тоа ја намалуваше температурата. Најдовме некои скали кои што водеа до гаражата. Некако успеав да влезам внатре и да се стоплам. Дури и сум заспал. Ме разбуди некој дечко што паркираше. Ми рече дека не сум смеел да седам внатре. Приватна гаража. Е добро бе, му викам, да се стоплам малку. Потоа продлжив да спијам под скалите. Милина. Ме разбудија кога престана да врне. Почекавме малку да се исуши и трнавме на пат. Значи нема нешто подосадно од дождот кога си на пат или одмор. Осуден си да седиш во место и да не правиш ништо. Сè уште бевме во Прованса. Утрото беше уште поубаво бидејќи околината беше во магла од водата што испарува. Мораш во се да си најдеш нешто интересно инаку патот ќе те убие. Тоа и ќе ми се случеше на оваа етапа ако не се тешев дека ако не денеска, ама утре сигурно ќе бидеме на море. А тоа значи: многу народ, сонце, плажа, спиење на плажа, бањање во море и под туш. На ова последново најмногу му се радував.

Теренот беше ридски и постојано одевме нагоре-надоле. А тоа е најдосадно. Се движевме во правец кон исток и искачувавме ридови па ги симнувавме, и само тоа. Пред влезот на градовите имаше убави дрвореди, големи плантажи со овошје. Тоа не се пропушта. Одма рипавме од точаците и трчавме во овоштарниците. Тука имаше многу круши. Ова овошје беше многу важно: ем не даваме пари за овошје, ем можеш да си го сметаш како оброк. Да си прекаснеш додека си на точак. Наместо да отвораш барчиња или сникерс, си јадеш една круша.

И како што се договоривме неколку денови претходно, веќе нема брзање. Турот е позади нас, нема веќе стресови во за тоа до каде ќе возиме за да фатиме подобра позиција на целта. Но, не смееме и да се влечеме. Мораме да покриваме по околу 100 км дневно. Тоа беше важно бидејќи на одредена дата моравме да бидеме во Милано за да фатиме автобус за Македонија. Јово беше на работа. Јас морав да бидам со него. Тоа не ги загрижуваше Марко и Гоце. Едниот може да си оди кога сака со автобус, а Гоце секако ќе продолжува со точак до дома. Наближувавме кон градот Брињол. На овој дел од патот километражата ми покажа 1000 километри.

Според пресметките сега сме на средината на патот. Овде посетивме автомеханичарска работилница за Цитроени. Имаше огромен двор и паркирано стотици автомобили во него. Беше интересно да се видат сите тие стари модели на едно место. Целата историја на Цитроен. Тоа беше една од ретките работи што нè правеше среќни и што ни беше интересна на сите. Зошто ретко која работа ни беше интересна на сите одеднаш и секогаш кога некој ќе речеше да застанеме за да видиме нешто, некој се мрштеше. Влеговме во Брињол и застанавме да купиме за јадење. Ручавме на излезот на градот. Тука го направивме планот за до крајот на денот. Сфативме дека немаме шанси да стигнеме до морето. Тоа ќе мораме да го оставиме за утре. Се договоривме таа вечер да спиеме во Ле Лук, што е на 50 километри од морето. Сосема доволно за следниот ден. Да си го заслужиме бањањето.

Гоце заостануваше на угорниците, па моравме да го чекаме на секој превој. Потоа доаѓаа спустови на коишто моравме да бидеме внимателни бидејќи почнуваше да врне и коловозот беше воден. Тука Јово си најде телефон покрај патот. Веднаш ја фрли картичката и продолживме. Тоа беше убав телефон со екран на допир. Дождот се засили, но тоа не ме загрижуваше. Ме загрижуваше дали ќе најдеме убаво и суво место за спиење. И повторно си се утешив со морето. Таму ќе си го наплатам сево ова патење. Дождот правеше прекрасно виножито. Ги имаше на сите страни околу нас. Сакавме да одиме во полето и да застанеме на местото кадешто почнува виножитото. Абе секакви идеи ти доаѓаат во тој момент.

Стигнавме во Ле Лук. Мало гратче на југот на Франција. Беше многу раздвижено за разлика од поголемите градови што ги посетивме. На влезот во градот имаше Мекдоналдс и влеговме да се замиеме и да наполниме вода. Јас постојано носев многу вода со мене. Гледав секогаш да имам два полни бидона и плус Налген шишето што го најдов на Алп Дуез. Внатре вриеше од деца. Славеа роденден. Весели деца. И ние со нив. И пак ќе речам, секаква промена во однос на муабет или луѓе е добредојдена. Не смееш да се потпреш само на луѓето што се со тебе. Постојано мора да има некаква промена. Нешто различно. На излезот од Ле Лук го најдовме патот што води кон Азурниот брег. Се сместивме покрај патот за да не мораме сабајле да лутаме барајќи го патот. Вака сме веднаш на него и сабајле директно ќе тргнеме. Одвај чекам.

Се сместивме во близина на еден прометен кружен тек. Имаше многу сообраќај. Бевме сместени помеѓу некои дрва, грмушки, гранки. Тоа ни даваше звучна и визуелна заштита од луѓето и полицијата. Не сакавме да привлекуваме многу внимание. Јадевме малку и влеговме во шаторите. Наоколу беше водено од дождот. Дури и дел од опремата беше водена. Јово смисли добар трик како да ги чуваме вреќите суви. Ги стававме во големи кеси што ги добивавме од маркетите. Така, секогаш останува суво она што најмногу ни требаше. Сè можам да замислам да ми се натопи и уништи, освен вреќата за спиење. Тоа е нешто највредно каде и да си на отворено. Никому и на ништо не му дозволувам да ми го уништи спиењето. Сето она што го трошиме преку ден, го надополнуваме во сонот. И физички и психички. Ајде на спиење. Утре е голем ден. Имам големи очекувања од Азурниот брег. Ќе видиме нешто што многумина не можат да си го дозволат. Ова е најевтиниот начин да се види и доживее светот, а камоли Азурниот брег.


Сврти на наредна страница – Ден 11