Екологика

Наслов

Изнајмување велосипед - Најдобрите во светот

Од почетокот на изнајмувањето до рапидната експанзија на јавните велосипеди низ целиот свет, прегледајте ги најдобрите 5 локации за рент-а-бајк во светот од кои ние и останатите градови може да учиме.

Првите велосипеди за јавна употреба - Амстердам 1960-ти

Историјата на изнајмување велосипед започнува во Амстердам, уште во 1968 год. со проектот WITTE FIETSENPLAN (Планот со белите велосипеди) на Луд Шимелпенинг кога низ улиците биле пуштени бели велосипеди кои биле бесплатни за користење. Програмата, излезена децении пред своето време, колабрирала за неколку дена, но била зачеток за нешто убаво во светот...

Следното видно разработување на градското изнајмување велосипед се случува дури во 1995та во Копенхаген, со проектот наречен „Бициклен“ во кој биле употребувани метални пари за наплата. Во следните 17 години овие велосипеди циркулирале успешно низ градот сè до пензионирање на системот со цел унапредување со технологија од трета генерација која ќе го унапреди веќе добро извежбаниот процес на рентање.

Како втора генерација на изнајмувањето велосипеди се смета замената на металните пари со наплата преку картички и електронски киосци. Со ова унапредување веќе целата технологија за изнајмување зема замав и вкучува ГПС следење во вистинско време, раширувајќи се низ цела Западна Европа и Светот.

Според светската мапа за изнајмување велосипед подолу (споредете го Балканот со Пиринејскиот и Апенинскиот полуостров!), во светот постојат околу 553 активни програми за споделување велосипеди и уште 193 кои се во план да се направат.

Најдоброто е што тие не се само во Европа или Северна Америка. Како светски лидери во програми за изнајмување велосипеди се всушност Кина.

Иако повеќето програми споделуваат исти практики - користење на велосипеди со пониска вредност (да не се крадат), електронски станици, скалила на наплатни тарифи, повеќето од градовите пробуваат различни практики за поуспешно функционирање на изнајмувањето во нивниот град.

Во продолжение ви ги издвојуваме најдобрите 5 велосипедски изнајмувачи во светот според истражувањето направено од The active times во 2013та.

no.1 Хангзхоу, Кина

Почеток на програмата - 2008
Големина : 69750 велосипеди / 2965 станици низ градот
Цена за користење: $32.61 депозит + $0.15 на час

Градот со 6.2 милиони жители близу до Шангај е можеби најдобриот град со програма за изнајмување велосипеди. Иако е втор во светот по бројот на јавни велосипеди, велосипедскиот систем им е најкористениот од било кој друг град, најмногу поради спојувањето на овој систем со останатиот дел од јавниот превоз.

Една карта овозможува користење на метро, автобус, такси, велосипед па дури и фериброд за патување низ градот. Жителите или туристите во градот оставаат депозит од околу $33 (~1650ден.) и можат да се возат бесплатно првиот час, а потоа плаќаат цена од $0.15 (~7.50 ден.) на час. Резултатот е 250 илјади изнајмувања дневно.

Со аспирации да биде повторно најголем град со велосипеди за изнајмување, Хангзоу планира во 2020 да има 175.000 велосипеди спремни за вртење.

no.2 Париз, Франција

Почеток на програмата: 2007
Големина: 23900 велосипеди / 1751 станици низ градот
Цена за користење: $38.52 годишно / $2.26 дневно

Програмата на Париз наречена „Велиб“ која била пуштена во 2007, во тоа време била најамбициозната програма за изнајмување велосипеди во светот, а сега претставува најголема флота на велосипеди за рентање надвор од Кина.

Со бесплатни 30 минути и $2.26 (~112 денари) за целодневна карта, париските велосипеди можат да се возат низ целиот град со оглед на големата распостранетост на станиците кои во просек се 20 станици на 1км2.

Со ваква поставеност и цена, велосипедите се омилени и на локалците и на туристите кои добиваат евтино и поинтересно доживување на градот. Резултатот е 110 илјади изнајмувања дневно.

no.3 Вухан, Кина

Почеток на програмата: 2009
Големина: 90000 велосипеди / 1318 станици низ градот
Ценa за користење: Бесплатно

Додека Европа ги добива овациите за донесување во живот на програмите за споделување на велосипеди, Кина е светкиот лидер според бројот на велосипеди, многу пред било кој друг. Така, логично е градот со најголем број на јавни велосипеди да биде во Кина.

Вухан, град со 6.4 милиони жители има над 90.000 велосипеди на располагање, што е дупло повеќе од јавните велосипеди на цела Франција.

Тоа е бројка која е посакувана од многу градови низ планетата, а за цената на користење, нема кој не би посакувал таква програма - користењето на велосипедите за граѓаните е бесплатно.

no.4 Чангвон, Јужна Кореа

Почеток на програмата: 2010
Големина: 4,600 велосипеди / 230 станици
Цена за користење: $18 годишно / $1 дневно

Овој јужнокорејски град со околу 1 милион жители има за цел да биде најзелениот град во државата, а како важен дел од постигнување на ова е програмата за споделување велосипеди, која заедно со бројните обоени велосипетски патеки била одлично прифатена од граѓаните.

Како додаток во програмата се вклучува и многу паметна идеа за поставување на полначи за телефон на секој велосипед, со што при возењето, граѓаните ќе можат да си го полнат својот телефон.

Во поглед на цената, изнајмувањето на велосипед во Чангвон е многу евтино и достапно, првите 2 часа за возење се бесплатни, а ако има потреба од повеќе време се наплаќа $1 (~50 ден.) за остатокот од денот, или може да се купи годишно изнајмување од $18 (~895 ден.).

no.5 Лион, Франција

Почеток на програмата: 2005
Големина: 4000 велосипеди / 345 станици
Цена за користење: $33.20 годишно / $1.99 дневно

Пред Париз да ја пушти во употреба својата флота велосипеди, градот Лион на француската јавност и го претставил првиот вистински модерен велосипетски систем со ГПС следење, паметни картички и модерни компјутерски киосци за изнајмување. Првите 30 минути возење со лионските велосипеди се бесплатни, а за повеќе време се наплаќа по секој следен половина час, цена која може да достигне најмногу $1.99 (~100 ден.) дневно.

Програмата финансиски е потпомогната и со рекламен простор на велосипедите, нешто што најмногу влијаело за огромниот број на нови вакви програми низ цела Европа.
Иако системот е стар скоро 10 години, лионскиот пример сè уште важи за еден од најдобро користените и најфункционалните програми на целиот Европски континент.

15 Декември 2014

За авторот