Дај еден асален точкарски жмигавец

Ако прототипов излезе на пазар, подигањето на рака како најстар точкарско – сообраќаен знак за лев или десен жмигавец ќе има достојна замена. Барем за тие што ќе си го купат шлемот.

Унгарскиот дизајнер Balázs Filczer креираше концепт на велосипедски шлем кој ги има вклучено трите основни карактеристики, без кои ниедна кола не може да помине на регистрација, предни светла, штоп светла и жмигавци.

Со користењето на овој шлем велосипедистите целосно ќе бидат вклучени во сообраќајот бидејќи сигналите кои ќе се испраќаат до автомобилските возачи се далеку поефикасни од смешното мавтање на рака.

Се смета дека во места каде возачите (на автомобили) не се толку сензитивни на велосипедистите (можеби тука спаѓаме и ние), сообраќајните сигнали ќе остават далеку поголем импакт врз возачите на кола од мавтањето со рака. Со ова би се направил голем чекор кон превенцијата на сообраќајни несреќи со велосипедисти.

Светлата и жмигавците на шлемот DORA ќе бидат активирани преку Блутут контролно копче на рачките од точакот.

Концептот ја доби наградата во категоријата за акцесории на International Bicycle Design Competition минатиот октомври, но се уште е само на хартија и не се знае кои ќе бидат неговите целосни карактеристики, ниту пак производителот.