Наслов

Четврти Куп на Македонија во сквош

Во текот на викендот, од 7-9ти ноември, се одржа четвртиот официјален Куп на Македонија во сквош. Турнирот се одржа на терените на Сквош Центар во Скопје, со учество на 17 натпреварувачи.

Овогодинашен победник е Стефан Шишовски кој во финалето, со 3:1, го победи минатогодишниот носител на Купот, Кирил Сотировски. Во еден од своите најквалитетни натпревари досега, Шишовски сосема го надигра Сотировски во безмалку сите елементи на играта. По брзо и лесно водство со 1:0 во сетови, Шишовски најде начин и сили да се врати од 4:9 и да го освои и вториот сет, што е можеби пресудно за победата. Сотировски беше во свој елемент единствено во третиот сет, но мотивираниот Шишовски мечот го заврши во своја корист со доминанта игра во четвртиот сет.

Со оваа победа, Шишовски на најдобар можен начин ја заокружи досега најуспешната година за него. Двајцата финалисти на Купот, со тоа ги поделија златните и сребрените медали на официјалното првенство и на Купот на Македонија, а истото се однесува и на двата отворени сквош турнири.

Во мечот за третото место, уште еднаш се судрија старите познајници Бранко Калеовски и Горан Панев. Уште при првиот сет беше јасно дека тоа ќе биде уште една епизода во низата крајно неизвесни и возбудливи мечеви, кои без исклучок противниците ги играат до своите крајни можности. Имено, Панев анулираше 3 сет топки на Калеовски, и со 5 едноподруго поени го освои сетот со 12:10.

Во следните два сета Калеовски резултатски се одвојуваше по изедначен резултат на половина сет и го задржуваше водството до крај. Панев сосема се врати во четвртиот сет со солидна игра, и го изедначи резултатот на 2:2. Во одлучувачкиот сет, освен при првите три поени на Калеовски, ниту еден од играчите не освои повеќе од два поени во низа, и противниците наизменично се изменуваа во водство. За врв на возбудувањето, иако Калеовски дојде до две меч топки, Панев сепак изедначи на 10:10 и со тоа и овој сет го доведе до продолжение. Сепак, Калеовски, при прием на сервис, со многу прецизен удар повторно дојде до водство, и тоа веројатно е клучниот поен на натпреварот. По неизнудена грешка во последниот поен, Панев повторно остана со куси ракави и Калеовски го доби сетот со 12:10. Со оваа победа, Калеовски ја зголеми својата колекција медали од сквош турнирите во Македонија.

Полуфиналињата, меѓу Шишовски и Панев (3:0) и Сотировски и Калеовски (3:0), иако резултатски не толку неизвесни, сепак беа квалитетни и изедначени. Шишовски спасуваше 3 сет топки против Панев во првиот сет за да го добие со 15:13. Вториот го доби брзо и лесно, но и третиот сет мораше да се решава во продолжение.

Сепак, квалитетот на Шишовски дојде до израз и тој сет го доби со 12:10. Во второто полуфинале, Сотировски и Калеовски беа резултатски изедначени до средината на сите три сета, но како и многу пати досега искусниот Сотировски наоѓаше начини да се одлепи и да ги освојува сетовите со предност од неколку поени и без премногу драматични моменти.

Физички одлично подготвениот Калеовски играше полетно и агилно, но не можеше да го издржи притисокот од разнообрзната игра на Сотировски, кој со голем број лоб удари и скратени топки, постојано го принудуваше противникот на движење. Напорите постепено си го земаа данокот и Калеовски потклекнуваше во одлучувачките моменти.

Финале – Стефан Шишовски : Кирил Сотировски - 3:1 (11:2; 12:10; 6:11; 11:2)
Меч за трето место – Бранко Калеовски : Горан Панев - 3:2 (10:12; 11:5; 11:7; 7:11; 12:10) Полуфинални мечеви Кирил Сотировски : Бранко Калеовски - 3:0 (11:8; 11:5; 11:8)
Стефан Шишовски : Горан Панев - 3:0 (15:13; 11:3; 12:10)

Пласман на првите дванаесетмина

  • 1 Стефан Шишовски
  • 2 Кирил Сотировски
  • 3 Бранко Калеовски
  • 4 Горан Панев
  • 5 Ѓоко Петковски
  • 6 Емил Новески
  • 7 Златко Крстевски
  • 8 Ѓоко Поповиќ
  • 9 Михајло Ристески
  • 10 Дарко Црвенковски
  • 11 Димитар Димов
  • 12 Даниел Стојановски
10 Ноември 2014

За авторот

Најнови членови

На Facebook