Екологика

Наслов

Зошто градот чист да биде?

Во една наша статија - ВАКА ГРАДОТ МОЈ ДА БИДЕ... ја разработивме тематиката на еколошки најчистите градови на светот, па еве во оваа со наслов „Зошто градот чист да биде" ја опфаќаме и далекусложната причина за истото. 

Амстердам на пролет

Со пролетта, освен будењето на природата се будат и акциите за прочистување на градовите. Што добиваме кога градот е чист ? Кои се придобивките и дали се битни за нас? 

Издвојуваме 7 причини зошто ни треба чист град преку кои може да се видат придобивките кои ги имаме или немаме и нашата грижа околу тоа. 

1. Се подобрува здравјето на луѓето

Одржувањето на хигиена во својот дом значи дека се грижиме за своето здравје и живеењето подолг живот. Градот како колективен дом на граѓаните го има сосема истото влијание на нашиот живот и здравје. Купишта ѓубре, загаден воздух и загадена вода значи извор на болести кои се создаваат од нехигиенски услови и токсични материи. Чист град значи здравје за граѓаните и нивен подолг живот.

2. Се заштитува зеленилото и природата

Со фрлањето отпадоци низ градот и парковите наместо во корпа за отпадоци се деградира почвата, водата, самата природа и воздухот. Сè што треба е квалитента навика за постојано фрлање на отпадокот во корпа наменета за тоа. Градот и парковите остануваат чисти, се зголемува просторот за пријатен одмор и се разбиструва умот на секој граѓанин.

3. Граѓанинот ги подобрува и збогатува своите вредности

Со оджувањето на чистотата во градот се помага во создавањето на интелектуална свест која понатаму овозможува поттик за постигнување нешто големо во животот. Со чистата етика се создаваат позитивни импресии за индивидуата, карактерот е фокусиран на добри дела, поголема одговорност, хигиена, и најважното, се зголемуваат лидерските квалитети со што се постигнува поголем успех во животот.

Копенхаген

4. Се промовира туризмот

Чист град привлекува повеќе туристи кои добиваат добар впечаток за културата и животниот стил во градот. Спротивно на ова загаден град значи негативно мислење на туристите за граѓаните кои живеат во тој град, а тоа значи помалку туристи кои ја раздвижуваат економијата на градот и државата.

5. Се привлекуваат инвестиции

Чистиот град привлекува инвестиции. Компаниите освен од економските можности при инвестирањето се привлечени и од културата и животниот стил на населението кое е фокусирано на чистота. Повеќе интернационални компании привлечени од населението кое се грижи за сопствениот град значи поголемо вработување на граѓаните кои добиваат квалитетен тренинг и работни етики кои имаат долгорочен ефект на нивниот живот и општествената култура.

6. Важен сегмент за идните генерации

Секој сака неговите потомци и деца да имаат иднина во чист град. Со одржување на зеленилото, здравата градска средина и чување на културните и историските знаменитости се создаваат можности за новите генерации да се развиваат, да ја разберат културата на градот и да имаат достапност до здрава средина и квалитет во животот. Како сегашна генерација, наша одговорност е да мислиме на тоа каква иднина им оставаме на идните граѓани во нашиот град.

7. Чистиот град е секогаш рангиран добро во светот

А доброто рангирање значи промовирање на културата и квалитетот на живеење. Можеме да бидеме рангирани и меѓу најдобрите само доколку имаме одлична животна средина, одлична економска и социјална состојба на граѓаните. Тоа значи дека градот е одличен во многу сфери на живеењето како во можностите за работа, општествената култура, намалената сиромаштија, квалитетот на образование, здравјето на населението, здравата средина за живеење. A сè започнува од чистотата на градот и свесноста за сопствените влијанија врз таа чистота.

Вклученост во акции за чистење, пошумување, користење и промовирање на велосипед, континуирано правилно фрлање отпад, подршка на иницијативи за чист воздух, свесност за сопствениот удел во загадувањето и намалување на своето влијание, помагање и инспирирање на пријателите за свесно однесување...

Пролет е, време за будење на чистите вредности и акции во себе.

24 Март 2015

За авторот