Две сребра за „Белите“ на ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2015

Заврши фудбалскиот турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2015. Седум екипи од шест градови во Македонија се натпреваруваа во три возрасни категории и тоа: 2002, 2004 и 2006.

Изминативе три дена, на СРЦ Билјанини извори се натпреваруваа над 250 млади фудбалери од 18 тимови и се одиграа повеќе од 30 натпревари, а присутните имаа можност да уживаат во одличниот фудбал што го приредија младите фудбалски виртуози од ФК Охрид, ФК Работнички Скопје, ФК Борец Велес, ФК Неготино, ФК Њу Старс Скопје, ФК ЛГ Битола и ФК Перак Прилеп. Нашите фудбалери играа максимално борбено и посветено во сите генерации, постигнуваа голови, победуваа и чесно ги бранеа боите на нашиот клуб и нашиот град.

Генерација 2002 ги совлада Њу Старс, Перак и Борец на патот до финалето, но немаше доволно среќа во финалниот натпревар каде беа поразни од ЛГ Битола и на крај повеќе од заслужено го освои сребрениот медал на турнирот. Славе Маркоски од ФК ОХРИД Топ Тим беше најдобар стрелец на турнирот.

Генерација 2004 го освои третиот трофеј во низа. После поразот во група од битолски ЛГ, следеа два одлични меча и победи над скопски Работнички и прилепски Перак. Во финалето повторно се сретнавме со битолчани, каде по одличното прво полувреме, нашите „попуштија” во второто и на крај мораа да се „задоволат” со вицешампионската титула. Најдобар стрелец на турнирот во оваа генерација беше Никола Кречов од ФК ОХРИД ТОП ТИМ.

Генерација 2006 одигра неколку тешки меча со неколку силни противници. Најнеизвесен натпревар одигравме со скопски Работнички во борбата за 5-то место каде недостигот на реализација не чинеше пораз. Претходно во група пропуштивме водство со скопски Њу Старс кои успеаја да направат пресврт и да го добијат натпреварот. Тежок натпревар игравме со ГФК Неготино кои на турнирот настапија засилени со неколку играчи од Скопје и се покажаа како пресилен противник за нас.

Упатуваме благодарност до сите екипи кои настапија на турнирот и се надеваме дека нашиот клуб се покажа како добар домаќин. Веруваме дека сите дечиња од сите екипи имаа можност да уживаат во убавините на нашиот град и да играат одлични фудбалски натпревари во извонредни фудбалски услови, какви што секое од овие млади фудбалери ги заслужуваат.