Приказната за горчливото ривалство кое сè уште трча

Што носиш ти, Ади или Руди?

Во 1943 година за време на Втората светска војна се случува бомбардирање од страна на Сојузните сили врз малото гратче Херцогенаурах во Баварија. Сплетот на околностите и големото недоразбирање помеѓу двајца сложни браќа доведува до формирање на две светски познати компании за спортска опрема и јавување на огромна конкуренција помеѓу нив.

Кристоф фон Вилем Даслер бил само обичен работник во фабрика за чевли и заедно со неговата жена Паулина живееле во Херцогенаурах. Нивниот поголем син Рудолф Руди Даслер после доаѓањето од првата светска војна почнува да подработува во фабриката каде што работи татко му, но наоѓа и втора работа со продажба на кожа во Нирнберг.

Помалиот пак брат Адолф Ади Даслер после враќањето војната започнува самостојно да изработува спортски обувки во кујната на неговата мајка. Во јули 1924 година двајцата браќа наоѓаат взаемен интерес и жар во изработката на спортски обувки и ја формираат малата фабрика Gebrüder Dassler Schuhfabrik (фабрика за обувки на браќата Даслер).Оттогаш почнуваат заедно да иновираат и изработуваат спортски чевли.

Во 1936 година Ади тргнува на летните Олимписки игри заедно со неговиот куфер на рачно изработени чевли. Таму Адолф успева да го убеди американскиот спринтер Џеси Овенс тој да ги носи неговите чевли што воедно било и прво спонзорство за еден Афро-американски спортист. Дали било до спринтерките на Ади или до неговиот одличен маркетиншки осет токму Џеси да биде спонзорираниот спортист сè уште не знаеме, но четирите златни медали на американецот феноменално ја спонзорирале фирмата на браќата Даслер и нивните спортски обувки ширум светот.

Сè течело одлично до втората светска војна. Двајцата станале дел од Наци партијата, но Рудолф бил малку понаклонет и попридаден кон истата.

За време на Сојузничкото бомбардирање на градот во 1943 година од непознати причини се случува огромно недоразбирање. Имено, кога Ади заедно со неговата жена се симнувале во бункерот во кој биле Руди и неговата фамилија, Ади извикал „копилињата повторно се вратија!“ мислејќи на противничките бомбардери. Но, Рудолф бил убеден дека неговиот брат тоа го кажал за него и неговата фамилија. Подоцна Рудолф бил уапсен од сојузничките војници и дефинитивно станал убеден дека бил предаден од неговиот брат. Оваа фамилијарна кавга неочекувано ги формира можеби двете најголеми компании за спортска опрема на светот.

Ади и Руди се разделуваат во 1947 година. Руди формира нова фирма за спортска опрема Руда од Рудолф Даслер, која подоцна се ребрендира во Пума, додека Ади на 18 август 1949 година формира своја компанија наречена Адидас АГ од Ади Даслер.

По разделбата фирмите влагаат во остра конкурентна битка. Дури и двата клуба од ова мало германско гратче биле поделени спрема копачките што ги носеле играчите. Конкуренција трае и до ден денес, а благодарение на посветеноста и љубовта на Ади и Руди кон нивната работа, како и малото недоразбирање кое довело до големи проблеми денес ние имаме два бренда кои се дел од нашето секојдневие.