Навигатори од минијатури

Обично децата од најрана возраст можат да ги набројат страните на светот и знаат дека сонцето изгрева на исток и заоѓа на запад. Но тоа нема никаква корист доколку дека тие не научат да се ориентираат во просторот при реални ситуации со помош на природата и со алатките за ориентеција, а во краен (или прв) случај и со GPS уредите.

Ориентација во просторот и читање на знаците од природата може еден ден да му биде од животно значење на вашето дете. Со помош на соодветни игри за таа намена, можете да го оспособите за ориентација во просторот и притоа да го воведете во помагалата за таа намена (компас, часовник, сопствената сенка).

Прв чекор е теоретски да му објасните на детето како треба да се ориентира според небесните тела (ѕвездата северница, сонцето, месечината), според природните појави и предмети (лишаи и мов, реки, кората и крошната од дрвата, грмушки, трева, растенија, снег, ѕидови) како и со помош на религиозни објекти (цркви, џамии, гробишта).

Но ретко кое дете ќе се потруди да запамети теорија, без разлика на тоа колку убаво објаснува родителот. На децата им се потребни игри, затоа што така тие најбрзо учат! Се што треба да направите е да ја разбудите креативноста во себе и да смислите игри со кои детето ќе ја чита природата и околината.

Во продолжение ви претставуваме неколку такви примери за игри.

Скриено богатство
Тоа е игра која можете да ја играте во најблиската шума или во градскиот парк. Вие треба да го скриете богатството (на пример под некоја грмушка) и на децата да им дадете инсктрукции како да го пронајдат местото. Инструкциите би требало да изгледаат вака:

– Оди 50 метри западно по должината на патот;
– Застани и сврти се кон север и продолжи уште 50 метри;
– Застани и продолжи кон исток уште 20 метри;
– Движи се југоисточно уште 10 метри;
– Застани, гледај кон исток, пронајди го дрвото со црвени лишаи;
– Близу до дрвото пронајди ја грмушката со богатството.

Да го запознаеме компасот
Во оваа игра децата се делат во тимови. Потребно е секој од тимовите да има најмалку по еден компас;
– Прво направете неколку контролни пунктови за играчите;
– Контролните пунктови обележете ги со знаменца во впечатлива боја;
– Знаменцата нека бидат закачени на гранките од дрвата, но бидете сигурни дека од еден контролен пункт не се гледа наредниот;
– На секој од пунктовите ставете знак кој им кажува на играчите во која насока и на која далечина се наоѓа следниот пункт кој треба да го пронајдат;
– Победник е оној тим што најбрзо ќе ги пронајде сите контролни пунктови.

Големи букви
За оваа игра потребни ви се коноп и компас. Децата исто така се делат во тимови, а секој тим треба да има молив и хартија. Децата на хартија ја цртаат патеката каде е запишана насоката и далечината, така што патеката треба да формира голема буква.

На пример, доколку се запишуваат насоки за да се направи буквата Г, тогаш инструкциите би биле:
– Одете 20 чекори на север;
– Застанете!
– Свртете се кон запад и изодете уште 10 чекори.
* Со конопот се обележува патеката т.е. големата буква.

Во игрите можете да нацртате и мапи по кои децата ќе се водат, или да ги научите да прават макети од терените. Исто така, интересно би било да ги научите на семафор азбуката или морзеовата азбука за да си испраќаат знаци за време на играта.

Спортска ориентација
Доколку вашето дете сака да продолжи да ги усовршува своите вештини за ориентација тогаш можете да го воведете во спортска ориентација. Тоа е спорт во кој натпреварувачите со помош на компас и карта треба да посетат одреден број контролни точки кои се означени на теренот, во најбрз можен рок.

Значи ориентацијата опфаќа две работи: трчање и снаоѓање во природа со помош на карта. Спортската ориентација е спорт за секого. Натпреварите се организираат во: поединечна, екипна и штафетна конкуренција, а исто така се поделени по возраст и пол. Во поединечни натпревари секоја категорија си има посебна точно определена патека и број на контролни точки.

Исто така, можете да го зачлените вашето дете во некое извидничко друштво. Извидничките смотри се организираат во областа на топографијата и ориентацијата на непознат терен, полигонски натпревари, прва помош и сигнализација.

Општо е познато дека природата е отворена книга за секого. Таа ни нуди решенија за разни проблеми, но за да истите да ги осознаеме природата треба прво да ја запознаеме.