Утринското вежбање е подобро за слабеење

Ако сте едни од оние за кои секоја изгубена калорија се брои, тогаш имаме корисна информација за вас.

Будењето рано наутро за да го завршиме тренингот пред воопшто да започнеме со секојдневните работни обврски знае да биде тешко и компликувано да се одржи како рутина. Но последното истражување на американскиот центар за здравје и превенција можеби ќе ве натера оваа навика да се вежба рано наутро да ви стане задолжителна пракса.

Истражувањето кое го спровело овој центар било со цел да се дознае дали вежбањето претпладне или попладне е поефективно во губењето на вишокот на килограми. За таа цел тие селектирале 100 возрасни мажи и жени кои ги поделиле во неколку групи што вежбале во различен дел од денот, вкупно пет пати во неделата.

Истражувањето траело 10 месеци а тренинзите се одвивале помеѓу седум часот претпладне и седум часот попладне. Резултатите покажале дека и покрај тоа што сите загубиле телесна тежина, групите кои работеле рано наутро односно до пладне загубиле значително повеќе килограми споредбено со оние кои вежбале по три часот напладне. За време на тестирањето било практицирано џогирање или други вежби со кои секој од учесниците согорувал по точно 600 калории на тренинг.

Она што исто така е интересен резултат од ова истражување е и тоа што учесниците кои вежбале наутро во преостанатиот дел од денот биле значително поактивни и со зголемено ниво на енергија и внесувале во просек 100 калории помалку за разлика од оние кои вежбале попладне.

Истражувачите велат дека е прерано да се извлекуваат дефинитивни заклучоци бидејќи ова е поле кое допрва треба да се испитува и дека луѓето треба да имаат активен животен стил без разлика дали тоа значи утрински или попладневен тренинг.