Мачкаме парчиња депресија

Покрај сите останати негативни страни на транс мастите, на големиот мрсен олош му тагнаа уште една не толку среќна карактеристика. Со мачкањето на транс масти на вашето утринско лепче, мачкаме 50% повеќе шанси за депресија.

Како да не беа доста високите вредности на холестерол, дебелината, срцевите проблеми и дијабетес кои ги предизвикуваат парцијално хидрогенизираните транс масти, па дополнително испадна дека со секојдневното внесување на нив, луѓето имаат огромни можности за ќарување на депресија.

Шпанската студија која опфати 12,059 луѓе во период од шест години докажа дека оние кои јаделе 1,5 грами на транс масти дневно имале 48% повеќе ризик за бонус депра за разлика од оние кои не ги јаделе.

За разлика од погорниве несреќни резултати, оние кои консумирале повеќе од 20 грами на здравите масти на ден (маслиново кое содржи поли и мононезаситени масти) имале 30% помал ризик од депресија.

Научниците веруваат дека депресијата која е поврзана со транс мастите е поради инхибирање на нервниот систем да праќа одредени хормони низ телото.

Транс мастите за прв пат се вештачки произведени со измислувањето на маргарините, преку вештачки процес на хидрогенизирање на растителни масла под висока температура и притисок.

Во минатото за транс мастите се мислеше дека се одлична вештачка работа го подобрува вкусот, текстурата и го зголемува рокот на производите. Но, денешните истражувања сè повеќе покажуваат дека парцијално хидрогенизираните транс молекули се можеби најголемиот пропаст на човечката нутриција.

Кога бирате производ од полица, бркајте „0“ грамови на парцијално хидрогенизирани масти.