Параолимпијка сè уште бара водич за во Сочи 2014

Слепата британска параолимписка скијачка Џејд Етерингтон сè уште е во потрага по нејзиниот тренер/водич кој доколку не успее да го најде може да изгуби потенцијални медали на Игрите наредниот февруари.

Параолимписката скијачка која уште во ноември минатата година објави барање на Фејсбук за некој кој е квалификуван скијачки тренер и би можел да ѝ биде водич за време на Олимпијадата стравува дека нема да може да си го оствари сонот бидејќи никој не се нафаќа на понудената работа.

Џејд има глауком и видот почнала да го губи пред три години, но и покрај тоа таа има издвоено одлични успеси во минатите натпреварувања (од 2010 па навака) освојувајќи 26 медали во 28 настапи и се смета за најголемиот фаворит за освојување на медал во скијање на Параолимпијадата во Сочи идната година.

И самата таа е убедена дека може и е подготвена за нови подвизи и медали, но неможноста да си набави професионален ски тренер кој ќе биде и нејзин водич за време на Игрите делува многу фрустрирачки.

По објавата на Фејсбук, двајца кандидати се пријавија како можни варијанти за работното место, но и двајцата подоцна се откажаа бидејќи си нашле друго работно место. Со тоа младиот потенцијал за освојување на медали може да падне во вода доколку во скоро време Џејд не си пронајде тренер.