Здрави опции за појадок на нога

И зашто она „појадокот е нај…” скоро никад не го практикуваме, обично шмркаме по едно кафе, може и цигара и летаме за на работа. А за тие 10 минути додека го пиеме кафето може да си нашљакаме одличен и здрав појадок со кој ќе се задоволат сите, и нашите стомаци, и нашите баби, а богами и комшии..

Смутис (Smoothies)
За да смутиш еден смутис ти треба блендер и инвентивност. Може да комбинираш се и сешто од варијанти со јогурт, млеко, џусеви зачинети со различни овошја како бобинки, јагоди, банани или манго. Отворете си ги кулинарските вештини по сабајле и измислете нешто ново. А сето тоа може да си го носите со себе во кола, а некогаш и во автобус.

Прости сендвичи за појадок
Главниот момент по сабајле е да имаш апетит за нешто да појадуваш. Ако го имаш тоа, варијантите на сендвичи се бесконечни, а воедно едноставно прости. Парче црн леб со путер и мед, мармалад, путер од кикирики, урда со некој зачин, моцарела со босилек па макар и ајвар со парче беровско сирење ќе ви завршат голема работа. Сето тоа може да биде фино спакувано повторно за по пат, за во кола или понекогаш за во автобус.

Мусли на брзака
За припрема на мусли со јогурт или млеко потребни се неполни 15 секунди. Може и тие се многу! Арно ама тука пак главен е апетитот. Одберете полнозрнсти житарки, а не офарбани чуда полни со прости шеќери. Сабајле чинија мусли и сите часови вкусни. Е оваа варијанта малку потешко ќе ја понесете со себе, па затоа одвојте пар минути за стоење во кујна.