Песке што?

Пред не многу години во светската литература се кова еден прилично нов термин односно неологизам кој што означува начин на исхрана која всушност може да биде далеку поздрав отколку регуларниот. Станете поздрави, закачете се на песке!

Пескетаријанизам
Тоа е начин на исхрана кој го исклучува внесувањето на сите видови месо и меснати производи, но дозволува консумирање на риба и останати морски и слатководни ѕверки. И можеби тука многумина од вас веќе притиснале X на страницава, но нејсе, одиме натаму.

Значи, вегетаријанец кој јаде риба = пескетаријанец. Тоа дали ќе бидете лакто-ово вегетаријанец (ќе внесувате млеко и јајца) или ќе бидете стриктен веган е оставено на Ваш избор. Тука акцентот е на рибата, а таа е несомнено здрава.

Терминот е склопен 1993 година од италијанскиот збор pesce (риба) и англискиот vegetarian. Направена е мала промена во изговорот и добиен е зборот пескетаријанизам.

Зошто песке?
Постојат повеќе причини зошто луѓето се префрлаат на ваквиот начин на исхрана. Некои се етички, поради емпатијата кон животните, а повеќето се здравствени.

Верувам, многу добро ни се познати позитивните страни на вегетаријанството. Јадењето на разнообразно овошје и зеленчук и дефинитивно е докажано дека ја подобрува вашата здравствена состојба во секој можен поглед.

Значи, нема консумирање на високо процесирани месни производи како чајни, салами и црвено месо кои се богати со холестерол, масти, хормони и други не толку здравствено пожелни елементи и нема јадење бургери и плескавици полни со транс масти кој се неверојатно штетни. Исто так имате и намалување простите јагленохидрати во вашата диета.

Наместо тоа, главниот извор на месо ви претставува рибата, а тоа е перфектно. Таа е извор на одлични протеини, а мастите кои се застапени во главно се здрави. Богатството на незаситени масти и омега 3 масни киселини заедно со ниските вредности на холестерол се полн здравствен погодок. Тие ги подигаат вредностите на HDL “добриот”, a ги намалуваат вредностите на LDL “лошиот” холестерол во крвта и со тоа допринесуваат за подобра срцева и севкупно здравствена состојба.

Внимание!
Можеби единствената негативна страна на ваквиот начин на исхрана се токсичните нивоа на жива кои може да се присутни, но само во одредени видови на голема риба. Најправилно е луѓето кои консумираат поголеми количини на риба во текот на неделата, убаво да се информираат за оваа тема. Ова особено важи за бремените жени и малите деца бидејќи тие се група на консументи кои се најмногу сензитивни на зголемените нивоа на жива!

Нешто повеќе за токсицитетот тука.