ЗАПАДНА ПЛАНИНСКА ТРАНСВЕРЗАЛА 13-21 ЈУНИ 2015 - Димитар Попов/ Деан Ивановски /Игор Величковски

Експедиција низ западната планинска трансверзала

Оваа година 2015, помеѓу 13 и 21 Јуни двочлена експедиција составена од Димитар Попов и Деан Ивановски успешно ја заврши Западната Трансверзала која се протега од Љуботен на Шар Планина, преку Бистра, Стогово и Караорман, и завршува во Црвена вода, Охридско, со вкупна измината должина од 200 км.

Експедицијата беше проследена со речиси одлични временски услови и целата авантура врвеше беспрекорно и доста експедитивно.

Ден 1 – Љуботен 2.495 м – Пирибег 2.524 м – Црн Камен 2.536 м – Доброшко Езеро – Камп 1 Ден 2 – Доброшко езеро – Езерски врв 2.604 м – Пескови 2.651 м – под Кобилица – под Вртоп – Караниколичко езеро – Камп 2–Оваа најдолга етапа ни започна со искачување на стрмни гребени и движење по стрмни карпести терени каде што моравме особено да внимаваме поради тежината на ранците.

 

Цело време се трудевме и внимававме да одржиме рамнотежа, бидејќи на одредени места движевме и качувавме карпести блокови и камењари со 600-800 м стрмен амбис под нас. Изминувајќи го врвот Пескови 2.651 м теренот беше во ред. Минувајќи под Кобилица, направивме кратка пауза за супа и продолживме, по патот кој минува под Вртоп и падините со боровинки, кон Караниколичко езеро.

Ден 3 –Караниколичко ез. – Скакала 2.517 м – Клеч 2.414 м – Трпезница – извори на Пена –Камп 3, Ден 4 –Трпезница – Целепински врв – покрај Бориславец – Шутман поле – под Рудока – под Голема Враца – под Мала Враца – Горно Луково поле – преку Расангул – Лера 2.194 м –Камп 4
–Со камп 4, веќе сме навлезени длабоко во НП Маврово, на планината Лера. Оттука веќе се чувствуваме опуштено и безгрижно, оставајќи го Шарпланинскиот масив далеку зад нас. Шара е прекрасна, но воедно и најголем предизвик на оваа тура.

 

4 дена во најзафрлените диви краеви на овој масив, со наместа непростлив терен за минување, долга, дива, со големи температурни разлики дење и ноќе, долги етапи и врз сето тоа тежок „бојлер” ранец. Шарскиот масив бара експедитивност, добра процена и добро планирање.

Ден 5 –Лера –врв Кожа –Маврови Анови –Галичник –Камп 5
–Утрото опуштени во прекрасните пазуви под „тронот” на врвот Лера, кој воедно заслепува со својата митска убавина, се опуштивме, пакувајќи се со брзина на желка. Се појавија од нигде никаде темни облаци и не распали невреме, се спакувавме на блиц, фрлајќи го најгорното платно од шаторите врз нас, импровизирајќи кабаница и продолживме кон Маврово. Малку помалку невремето се смири, за повторно кај врвот Кожа да затрескаат молњи околу нас.

На дупли чекор згазивме да влеземе во шумата, како единствено засолниште. Бидејќи ГПС -ите ни немаа батерии, а форсиравме да се симнеме што подолу најдовме маркација која води од друга страна до Маврови Анови во однос на таа која ја имавме на ГПС. Во Маврово ни се придружи уште еден член на експедицијата Игор Величковски ака Хуго, од каде што со возило не префрлија до Галичник да го избегнеме непотребниот асфалт. Во Галичник бевме примени од пријател кој живее таму, кој широко -душно не прими како гости, и наредниот ден, зошто поради дождот и невремето бевме принудени да чекаме да се подобрат условите.

Ден 7 –Галичник –Селце –Тресонче –Лазарополе –Камп 6
-Спарно утро. Тргнавме кон Селце, првата попатна точка, па потоа Тресонче и на крај кон Лазарополе. Одморени, суви, освежени, оваа етапа далеку полесна од најлесната од Шара, ја претрчавме како песна. Се најадовме шумски јагоди. И те како. Стигнавме во Лазарополе. Времето до тој момент беше стабилно, но од кај Тресонче почнаа да надоаѓаат темни облаци и да се спрема невреме.

Загрижени, влегов во Здружението на пензионери –Лазарополе, одма до продавницата и ги замолив дали може да преспиеме во нивните простории да избегнеме уште едно дождовно искуство. Луѓето повеќе од фер и гостопримливи ни ја отклучија старата и напуштена амбуланта каде што се чувствувавме како во Лазарополе ИН. Со цврст кров над глава се е подруго.

Ден 8 –Лазарополе –Гари –Стогово –Голема Мегданица –Камп 7
-Лазарополе –во ова место како сите да се трудат и напорно да работат да бидат што погостопримливи и добри домаќини, уште со првото разменето „добро утро” со мештаните, веќе бевме поканети на утринско кафе и сок. Луѓето ни е чудеа на паметот од каде доаѓаме но силно не подржаа во нашиот потфат. Тргнавме. Го изминавме Гари, го качивме Стогово, минавме крај еден крајно негостопримлив овчар на бачило, и продолживме кон Голема Мегданица. На 1 км пред планираното место за камп не распука дожд. Повторно утоп. Се разведри и се смири времето набрзина, поставивме камп, направивме ручек, веселба, дружење поради последниот камп.

Вечерта легнавме да спиеме, но некаде кај 1 часот наутро се отвори небото истурајќи ја сета вода врз нас. „Хеви рејн”… 12 часа… Почна околу 1 утрото и престана нешто после пладне. Требаше да тргнеме во 8 ч, и според записот на групата која ја одела турата лани, им требало околу 8 часа до крајната точка. Ние тргнавме во 14.30 ч од Голема Мегданица, во услови на магла, со забрзано темпо да стигнеме пред зајдисонце. Не правевме големи паузи. Само две-три паузи од по 10 минути најмногу.

Стигнавме за 5 и пол часа, до Црвена Вода. Во селото едвај се забележуваше жива кондура. За сета среќа најдовме камион за ѓубриво кој не префрли до Мешеишта од каде што начекавме превоз за Скопје.
Минавме 8 прекрасни дена, исполнети со авантура, исклучени од цивилизација, без мобилна мрежа и речиси целосно се адаптиравме на планината. Ја видовме и истраживме Македонија од една сосема поинаква перспектива. Оваа трансверзала е вистински еп за секој авантурист. Исполнети, насмеани и наситени со планини и дивини, се вративме доцна во нокта во Скопје. Дефинитивно ќе ја повториме турава, но засега планираме со мала модификација за да биде уште поинтересна.
П.с. Индијана Џонс уште ја нема поминато… срамота хаха