Искачување на највисокиот врв на Рила - Мусала (2925 мнв)

Највисоко на Балканот

Изминатиов викенд група планинари индивидуалци после толку напрегања и менување на планови конечно го реализираа искачувањето на највисокиот врв на Балканот – Мусала (2925 мнв).

Од потенцијални 17 души за освојување на Мусала, на крај останавме 7-мина и од првичниот план за одење со комбе, на крај испадна да одиме со две коли, со што беше поавантуристички, а сместувањето во еден од хотелите на Боровец го заменивме со домот, кој го носи истото име како врвот, Мусала, кој се наоѓа на 2389 мнв.

Договор падна да се трга за Боровец ноќта петок према сабота во 3 часот наутро, за околу 6-7 часот да бидеме на стартна позиција за качување до домот Мусала. И куцна часот: кој наспан, кој не наспан се собравме двете коли, и на пат за Бугарија. Патот мина опуштено, можеби единствени две коли бевме по автопатите тоа време, на граница само ние, така што поминавме експресно брзо. После некој километар поминат на бугарска територија наидовме на полициска контрола, проверка на патни исправи, стандард прашања каде сме тргнале, ние за Боровец, а тие со предупредување дека не чека снег таму, а ние спремни пред време за тоа, ни посакаа пријатен пат и лесно качување и го продолживме патот.

Веќе почна да се разденува, а Рила наѕираше во далечините, сите со нетрпение очекувавме да стигнеме, но додека го следевме GPS-от, кој не водеше по пат до Боровец на местото наречено Дупница, малце и тој се „здупи” со што не однесе малку настрана од патот, и сфаќајќи што се случува, правец назад и на „своју вољу, ризик јак” пак го најдовме вистинскиот пат. Сепак, кога ќе поминувате покрај Дупница, немојте да се смеете на името, бидејќи стварно ќе останете „здупени”. Но, сепак, Дупница ни остана тема за шала низ целата тура.

Патот навидум ни се виде долг, мислејќи пак да не сме утнале нешто, GPS-от да не останал со последици после Дупница, но сепак Боровец се наближуваше така што снегот веќе ни беше пред пат. Типична зимска идила. Стигнавме на нашата стартна позиција, ги паркиравме колите, а веќе кога излеговме од нив, надвор температурата беше драстично ниска, со што почна тресење на вилици, ама затоа цела зимска опрема ја облековме на нас, и ни два ни три, почнавме да се движиме по белите и ладни шуми нагоре. Но, сепак, беше преубаво, густи зимзелени шуми навеани со снег, ни се исполнија муабетите од пред некое време за освојување на Мусала во зима.

За околу 2 и пол до 3 часа стигнавме до домот Мусала и сѐ уште бевме со мисла за освојување на врвот уште првиот ден, ама, сепак уморот и ненаспаноста преовладаа и решивме да останеме во домот и да кулираме во таа убавина покрај езерото и погледот кон Мусала, а и под сонцето кое сакаш да те загрее малку, но сепак студеното ветерче не дозволуваше. Денот ни помина во стандардна планинска шема, ракииче со салатка, пржени колбасици и црвено винце, за на крај да потонеме во длабоки соништа, кои едвај ги чекавме.

Следното утро се разбудивме свежи наспани, се напивме кафенце, појадовме и не чекавме многу, па веднаш си го фативме патот под нозе за освојување на врвот. Утрото беше студено, но набргу не фати сонцето со што почнавме да се соблекуваме по пат. Патеката до врв, прилично интересна, најпрво го заобиколува езерото кое е до домот, а потоа поминува преку камењар кој на моменти знае да биде зезнат, а замрзнатиот снег го правеше уште позезнат, но го совладавме. А после совладувањето преубава глетка, пречек од едно од рилските езера, а до него уште едно, и по мал одмор и некоја фотка, продолживме. Следен check point на 2720 мнв кај заслонот Еверест со поглед на Ледено езеро, а над него, Мусала. Мала ужинка, собирање енергија за последната цел, врвот. Оттаму движење по цик-цак снежна подмрзната патека, која беше во процес на топење. Што повисоко качувавме, тоа погледот стануваше поубав, ни се отвараа нови видици, нови предели. По околу 40-тина минути движење стапнавме на највисоката точка на Балканот, врв Мусала, 2925 метри над морето.

Горди на нашиот подвиг, стоиме на највисоката точка на Балканот, а погледот од таму СТРАШЕН, на север куп леднички езерца, а во далечините верижни планини со остри врвчиња, а на југ, Пирин со острите врвови, а после него рамница во недоглед. Величенствен поглед! На врвот поседовме околу час и половина, јадевме, се сликавме, и се упативме кон нашата следна цел, колите оставени во Боровец.

Надолу лежерно, а и помалце и досадно, се спуштавме. На нашата тура и се ближи крајот. Снегот на повеќе места речиси се истопил… што ти прави едно деноноќие, претходниот ден снег на куп, другиот ден едвај… но лошата страна беше што патеката беше каллива, и тоа беше малку зезнато. Издржавме и по неколку часа активно движење со минијатурни паузи стигнавме до колите, кои беа на своите места како што ги оставивме. Се преоблековме, набрзина по некое кафе се напивме да бидеме свесни за долгиот пат до дома. Но, мал проблем, едната од колите нејќеше да запали, мислите на сите беа насочени што е сега, дали ќе останеме овде или… По мала проверка на моторот се беше во ред, колата запали и на сите ни олесни по што продолживме. Џени (името на типката од GPS-от) ни направи и мала турнеја низ Бугарија, до граница не изврти по други патишта непознати досега за нас, но како и да е оваа авантура помина одлично и незаборавно.

Среќни и задоволни од ова патешествие проследено со мали проблеми се прибравме дома и едвај го чекаме следниот подвиг што веќе се кува!

И шлагот за крај… Уживајте!