Во чест на Влатко, Бранислав, Огњан и Предраг

Викендов, Алпинистичкиот Клуб „К2“ го организираше 15тиот меморијален марш на Солунска Глава во чест на четворицата наши алпинисти Влатко Боцевски, Бранислав Ристовски, Огњан Филиповски и Предраг Толмачев кои го загубија животот на оваа планина во зимата 1998 година. 

Поминаа веќе 15 години откако се случи трагичната несреќа на месноста Горна бабина дупка на падините на Јакупица каде во снежна лавина на 06.12.1998 година животите ги загубија македонските алпинисти Влатко Боцевски, Бранислав Ристовски, Огњан Филиповски и Предраг Толмачев, членови во тогашниот алпинистички клуб „Исак Русо“.

Влатко, Бранислав, Огњан и Предраг беа врвни алпинисти кои имаа искачено и освоено бројни насоки во државава па и надвор од неа, а токму Влатко, Бранислав и Огњан со помош од останатите членови на АК „Исак Русо“ беа првите кои целосно ја оклинчија насоката Централен солунски кулоар  на Нежилови стени истата таа година, но немаа можност повторно да му се вратат.

Во целост, тие претставуваа одлични спортисти, афирмирани алпинисти, дел од нив млади надежи на македонскиот алпинизам, но пред сè пријатели, родители, роднини и љубени. Во нивна чест, секоја година во овој период се одржува меморијалниот марш „Четворица алпинисти“ каде што се прави посета на спомен плочата на местото каде се случи немилиот настан, се оддава почит преку едноминутно молчење и се прави искачување на врвот Солунска глава.

Вечерта, програмата беше заокружена со проекција на филмот „Ние не сме таму“ во кој се опфаќаат животот и делата на Влатко, Бранислав, Огњан и Предраг и нивното заминување во вечноста.

Слава им

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија